iPhone 17 Air ќе добие A19 Pro чип со ослабен графичи процесор во споредба со Pro моделот. Изгледа дека ултра тенкиот дизајн од 5,5 мм ги ограничува перформансите на графичкото јадро.
Најновите информации од Кина откриваат дека Apple-овиот iPhone 17 Air, иако опремен со истиот процесор A19 Pro како и моделите iPhone 17 Pro, ќе има помал број GPU-јадра. Според извори од социјалната мрежа Weibo, iPhone 17 Air ќе доаѓа со пет GPU-јадра, додека iPhone 17 Pro и iPhone 17 Pro Max ќе ги задржат сите шест GPU-јадра.
Ваквата разлика е дел од вообичаената стратегија на Apple со која прави јасна дистинкција помеѓу стандардните и Pro моделите. За просечните корисници, оваа разлика во графичката моќ нема да биде забележлива при секојдневна употреба, но посериозните гејмери и корисници на апликации кои интензивно ја користат графиката ќе почувствуваат намалување на перформансите кај Air моделот.
Ултра тенкиот дизајн на iPhone 17 Air влијае на графичката моќ
Стручњаците претпоставуваат дека ваквиот потег е делумно резултат на ултра тенкиот дизајн на iPhone 17 Air. Со дебелина од само 5,5 мм – што го прави најтенкиот iPhone досега – просторот за одведување на топлина е прилично ограничен, па Apple можеби морал да ги намали максималните перформанси за да ја задржи оптималната температура на уредот.

Постојат и контрадикторни информации. Познатиот аналитичар Минг-Чи Куо претходно тврдеше дека iPhone 17 Air ќе користи стандардна верзија на чипот A19, а не Pro, па конечните спецификации ќе бидат познати дури откако Apple официјално ќе го претстави уредот.
iPhone 17 Air претставува целосно нова линија во понудата на Apple, наменета да го замени досегашниот Plus модел. За да постигнат екстремно тенок профил, инженерите морале да направат одредени компромиси, како што се задржување на само еден главен сензор на камерата од 48 MP и батерија со капацитет од 2.900 mAh.
Останува да се види како пазарот ќе реагира на уред кој комбинира футуристички дизајн со нешто послаби технички можности.


