Американската вселенска агенција NASA планира да изгради нуклеарен реактор на површината на Месечината, објави Политико, повикувајќи се на внатрешни документи на агенцијата.
Според информациите, вселенската агенција има намера да побара конкретни предлози од индустријата во рок од 60 дена за реактор од 100 киловати, кој треба да биде оперативен до 2030 година.
Според публикацијата, се очекува вршителот на должноста администратор на NASA, Шон Дафи да ги објави плановите во наредните денови.
Планот доаѓа во услови на зголемена конкуренција со Кина, која се стреми да ја лансира својата прва мисија со екипаж на Месечината во исто време.
Документот на НАСА предупредува дека првата земја што ќе распореди функционален реактор би можела „да прогласи зона на забрана, што значително би им отежнало на САД“.

Идејата за нуклеарен реактор на Месечината не е нова. Русија го предложи концептот пред години, а NASA неодамна ги засили своите истражувања.
Реакторот би обезбедил стабилно снабдување со енергија потребно за идните лунарни мисии, особено за време на приближно двенеделната лунарна ноќ, кога сончевата енергија не е достапна.
САД се стремат да вратат астронаути на Месечината за прв пат по повеќе од 50 години. Како дел од својата програма „Артемис“, NASA планира да слета екипаж на површината на Месечината во 2027 година.
Сепак, распоредот веќе е одложуван повеќе пати и останува нејасно дали американскиот претседател Доналд Трамп ќе продолжи да ги поддржува напорите.


