Истражувањето на Gartner покажува дека „Desktop-as-a-Service“ станува поевтино од деловните лаптоп компјутери, со сѐ поголема примена во реални ситуации.
Новото истражување на компанијата Gartner покажува дека изнајмената услуга на десктоп компјутери, позната како Desktop-as-a-Service (DaaS), сега е поевтина за употреба од физички присутните деловни лаптоп компјутери кои се користат на самата локација.
Според предвидувањата, до 2027 година DaaS ќе биде исплатлив за околу 95% од вработените, што претставува огромен раст во споредба со 2019 година, кога таа бројка изнесувала само 40%. Исто така, се очекува сѐ повеќе корисници да користат хостирани десктоп машини како свој главен работен простор: 20% од вработените до 2027 година, додека во 2019 тоа го правеле само 10%.
За сега, повеќето организации воведуваат DaaS само кај помал дел од вработените, пред сѐ за обезбедување на работа „од далечина“. Сепак, сѐ поголемиот фокус на намалување на трошоци, ефикасност и одржливост може да ја забрза оваа транзиција.
Според податоците, инвестициите во Desktop-as-a-Service ќе пораснат од 4,3 милијарди долари во 2025 на 6,0 милијарди долари до 2029 година. Причината за тоа е што вкупниот трошок во многу случаи сега е понизок отколку за лаптоп компјутери, особено кога се користат т.н. „thin client“ уреди.

Десктоп како услуга го презема приматот над деловните лаптоп компјутери
Како што објаснува Gartner, DaaS решенијата им овозможуваат на работниците „од далечина“, вработените во странство, надворешни партнери, хонорарни соработници, теренски работници и канцелариски вработени пристап до виртуелни десктоп компјутери хостирани во облакот.
Кога станува збор за водечките добавувачи, Microsoft е оценет како лидер благодарение на своите решенија во областа на дигиталното работно опкружување, облакот и вештачката интелигенција. Нивните производи ги вклучуваат Azure Virtual Desktop, Windows 365 и Microsoft Dev Box.
Според проценките, дури 60% од корисниците на DaaS од Microsoft доаѓаат од средно големи компании (од 100 до 4.999 вработени). Големите компании со над 5.000 вработени сочинуваат 30%, додека само 10% од корисниците доаѓаат од мали организации (до 99 вработени).
Gartner истакнува дека денес речиси и да не разговара со организации кои планираат воведување на нови локални VDI (Virtual Desktop Infrastructure) системи. Речиси сите нови проекти се префрлаат на DaaS, додека постоечките on-premises решенија преминуваат или на DaaS или на cloud контролни платформи, освен во ретки специфични случаи.
Во наредните години компаниите сѐ повеќе ќе ги истражуваат предностите на DaaS моделот, каде што можноста за скалирање дополнително ги зголемува заштедите.
Сепак, бидејќи DaaS сѐ уште е релативно мал сегмент на пазарот на компјутери, во рана фаза на развој и со ограничена регулатива, постојат прашања поврзани со ризикот од врзување за еден добавувач и комплицирани лиценци. Тоа значи дека корисниците на почетокот би можеле да имаат одредени потешкотии додека регулаторите не се вклучат, пишува Tech Radar Pro.



