Компанијата HTC многу вложи во VR кога во минатото ја лансираше Vive серијата хедсет уреди, а сега влегува во нова област со своите Vive Eagle AI очила.
Овие очила се конкуренција на моделот Ray-Ban Meta и се дизајнирани да изгледаат како обични, но истовремено да имаат FPV камера, вградени AI функции и стерео звучници.
Vive Eagle очилата се достапни во неколку проѕирни бои – црна, Berry, Coffee и сива. Опремени се со ултраширока камера од 12 MP, која снима фотографии со резолуција 3.024×4.032 пиксели, како и видео со резолуција 1.512×2.016 пиксели при 30 fps. Десната рамка содржи LED диода што им укажува на другите кога е активно снимањето.

Очилата користат Qualcomm Snapdragon AR1 Gen 1 процесор спарен со 4 GB RAM и 32 GB внатрешна меморија, тежат нешто помалку од 49 грама со своите Zeiss леќи и се отпорни на вода и прашина според IP54 стандардот.
Vive Eagle поддржуваат Wi-Fi 6E и Bluetooth 5.3 поврзување и можат да се спојат со било кој мобилен уред што користи iOS 17.6 или понов, како и Android 10 или понов, преку апликацијата Vive Connect. Исто така, во рачките се интегрирани open-ear стерео звучници.


HTC за очилата го искористи и својот гласовен асистент Vive AI, кој е компатибилен со Google Gemini и ChatGPT (бета). Дополнително, овозможен е превод во реално време со поддршка на 13 јазици, како и локална конверзија во звучен аудио формат.
Очилата ги напојува батерија со капацитет од 235 mAh, која овозможува до 36 часа работа во stand-by режим, 4,5 часа континуирано слушање музика или три часа гласовни повици. Во пакувањето има и магнетен полнач, кој ја полни батеријата до 50% за 10 минути, односно до 80% за 23 минути.

Цената на очилата HTC Vive Eagle изнесува 521 долар, а за глобалната достапност засега нема информации.

