Американската вселенска агенција NASA соопшти дека нејзиниот вселенски телескоп James Webb открил нов, претходно непознат природен сателит кој орбитира околу Уран.
Оваа месечина на Уран ја доби ознаката S/2025 U1 и е вкупно 29-та откриена што ја има оваа планета. Веста предизвика голем интерес кај љубителите на вселенската наука.
Група истражувачи го проучувале новиот сателит со телескопот и ги утврдиле неговите карактеристики. НАСА наведува дека овој сателит првично бил идентификуван за време на опсервации спроведени на 2 февруари годинава, а овој настан отвори нови можности за научниците што ги проучуваат планетарните системи.
Се проценува дека дијаметарот на новиот природен сателит на Уран изнесува околу 10 километри. Поради неговата големина, најверојатно не бил видлив за сондата „Војажер 2“, која помина близу до Уран во 1986 година. Затоа откритието на оваа месечина уште еднаш ја нагласува важноста на современите телескопи и технологија.
Во моментов S/2025 U1 орбитира на оддалеченост од околу 56.000 километри од центарот на Уран и се движи помеѓу орбитите на месечините Офелија и Бијанка, во екваторијалната рамнина на планетата. Според водечката научничка Мириам Ел-Мутамид, неговата речиси кружна орбита им овозможува на научниците да претпостават дека можеби е формиран близу до својата сегашна локација.
Интересно е што првите две месечини на Уран, Титанија и Оберон, биле откриени од англискиот астроном Вилијам Хершел во 1787 година. Исто така, 28-от сателит S/2023 U1 бил откриен во ноември 2023 година на опсерваторијата Лас Кампанас во Чиле.
Сега космичкото семејство на Уран доби нов член. Ова научно откритие, до кое се дојде благодарение на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, претставува голем извор на радост и инспирација, не само за астрономите, туку и за сите љубители на вселената и нејзините тајни.