Google се обиде да им угоди на корисниците и ја зголеми батеријата на Pixel Watch 4. Дизајнот, пак, не претрпе никакви промени
Заедно со новата серија смартфони, Google го претстави паметниот часовник Pixel Watch 4 и TWS слушалките Pixel Buds 2a. И додека часовникот носи солидни подобрувања „под хауба“, дизајнот останува верен на минатогодишното издание, што можеби нема да им се допадне на сите. Од друга страна, слушалките Pixel Buds 2a претставуваат само нешто поевтина алтернатива на поскапиот модел Buds Pro 2.
Pixel Watch 4
Новиот Pixel Watch 4 доаѓа во 41 и 45 милиметарска верзија, а двете имаат надградени OLED екрани со осветленост до 3.000 нити. Го придвижува Qualcomm Snapdragon W5+ Gen 1 SoC, кој содржи и AON (always-on) копроцесор за подобра енергетска ефикасност. Станува збор за специјален процесор со ниска потрошувачка кој ги извршува едноставните задачи, како прикажување на часовник или следење на срцевиот ритам, додека главниот чип мирува.
Батериите се благо зголемени – 41 мм моделот има батерија од 327 mAh, а 45 мм моделот 459 mAh. Од Google велат дека автономијата сега би требало да изнесува до 30 часа за помалиот модел и до 40 часа за поголемиот. Иако тоа се нешто подобри бројки од минатогодишниот модел, многумина и понатаму ќе мораат да го полнат часовникот на секои два дена.
Една од најзначајните новини е интеграцијата со Google AI асистентот Gemini, со кој корисниците можат едноставно да разговараат. Од здравствените функции, часовникот поддржува до 40 вида вежби, следење на срцев ритам, стрес, сон, ЕКГ, заситеност на крвта со кислород, варијабилност на срцевиот ритам и брзина на дишење.
Pixel Watch 4 доаѓа со Wear OS 6, а цената за Wi-Fi моделот од 41 мм изнесува 399 евра, додека LTE верзијата чини 499 евра. Поголемиот модел од 45 мм стартува од 449 евра за Wi-Fi и 549 евра за LTE верзијата.
Pixel Buds 2a
Pixel Buds 2a се најприфатливите Google TWS слушалки на пазарот, но сепак не се евтини. Тие имаат активно поништување на бучава (ANC) и просторен звук, иако без функција за следење на движењето на главата.
Од Google велат дека слушалките овозможуваат до 7 часа непрекината репродукција, а со кутијата вкупно 20 часа слушање. За разлика од Pro моделот, кутијата не поддржува безжично полнење, што можеби нема да им се допадне на сите, особено со оглед на цената од 149 евра.
Во секој случај, овие слушалки претставуваат значителен напредок во однос на својот претходник кој беше претставен пред 4 години.