Lenovo повторно си поигра со серијата ThinkBook и понуди интересен уред кој може да ја зголеми големината на екранот од 14” на големи 16,7” и потоа повторно да ја врати, поради што во името ја има и зборот rollable. Освен напредниот OLED панел и солидните спецификации, овој уред има и доста висока цена.
Покрај низата традиционални бизнис лаптопи, Lenovo со години експериментира со интересни концепти кои често се појавуваат под брендот ThinkBook. Во минатите генерации го видовме моделот Plus Twist Gen 4 кој имаше E-ink екран, а минатата година Plus моделот пристигна како хибрид со можност за користење и како Windows компјутер и како Android таблет. Најновата итерација, ThinkBook Plus од шестата генерација, носи rollable екран, односно можност за извлекување и зголемување на дијагоналата од оригиналните 14 на 16,7 инчи. Станува збор за лаптоп наменет за бизнис корисници, па во тој контекст може да се гледа и високата цена која на страниците на производителот е околу 3300 долари, додека кај нас чини околу 4000 евра.

Можноста за извлекување и зголемување на екранот е главната дизајнерска одлика на уредот, кој доаѓа во за ThinkBook препознатливата боја Luna Grey со двотонско решение на алуминиумскиот капак. Извлекувањето трае околу пет секунди, по што се појавува пластичен капак на задната страна. Освен оваа уникатна карактеристика, се работи за класичен 14” бизнис лаптоп со минималистички дизајн. Треба да се спомене дека доаѓа со MIL-STD-810H стандард за издржливост, што дополнително го зголемува довербата во неговата цврстина.

Екранот е најголемата предност на овој уред. Во нормално 14” издание, OLED панелот има резолуција 2000 x 1600 пиксели и сооднос 5:4, додека во извлечена форма дијагоналата достигнува 16,7” со резолуција 2000 x 2350 пиксели и сооднос 8:9. Поголемиот извлечен екран нема многу да помогне при гледање мултимедија, но дефинитивно ќе биде корисен при работа со големи Excel табели. Може да се подели на два дела со сооднос 16:9 еден над друг, што е практично ако ви треба извор и одредиште на кои ги користите податоците. Флексибилниот OLED панел има осветленост од 400 cd/m², стапка на освежување од 120 Hz и покрива 100% од DCI-P3 спектарот, што го прави квалитетен екран кој ќе го ценат фотографи, дизајнери и видео едитори.

Лаптопот доаѓа во една конфигурација со Intel Core Ultra 7 258V процесор од серијата Lunar Lake, претставена кон крајот на 2024 година. Станува збор за процесор со осум јадра, од кои четири се „performance“. Освен што е релативно штедлив, располага и со многу добра интегрирана графика Intel Arc 140V, која е способна и за солидно casual гејминг искуство. Дополнително има 32 GB RAM и SSD од 1 TB. Lenovo вградил модерни мрежни стандарди Wi-Fi 7 и Bluetooth 5.4, но понудата на приклучоци е посиромашна – со само два Thunderbolt 4 и 3,5 mm аудио приклучок. ThinkBook Plus Gen 6 располага со 5 MP камера со инфрацрвен сензор за логирање во Windows и заштита на приватноста. Батеријата со капацитет од 66 Wh обезбедува автономија од над 11 часа.


