За разлика од претходникот, Pixel 10 Pro Fold со новиот Tensor G5 чипсет, има нешто поголем надворешен екран и поголем капацитет на батерија, а сето тоа по иста почетна цена.
Со минатогодишниот Pixel 9 Pro Fold, Google исправи неколку клучни грешки, а сличен третман сега го добива и најновиот Pixel 10 Pro Fold кој носи поголем надворешен екран и нешто поголем капацитет на батерија. Цената му е, сепак, и натаму доста висока, но во склад со Galaxy Z Fold 7 кој е главниот конкурент на Pixel Fold.
На надворешната страна на Pixel 10 Pro Fold е сместен 6,4-инчен LTPO OLED екран со резолуција 1.080 x 2.364, со освежување од 120 Hz и пикова светлина од 3.000 нити, додека на внатрешната страна има 8-инчен LTPO OLED екран со иста пикова светлина и фреквенција на освежување. Како што обично е случај со преклопните телефони, внатрешниот екран е прилично мек и лесно може да се изгребе, додека надворешниот е заштитен со Corning Gorilla Glass Victus 2.
![]()
Како и останатите модели од серијата Pixel 10, и овој е придвижуван од 3-нанометарскиот Tensor G5 SoC, произведен од TSMC, спарен со 16 GB LPDDR5X RAM и 256, 512 GB или 1 TB UFS 4.0 меморија. Да потсетиме, ова е првиот Tensor произведен надвор од фабриките на Samsung, а кој поради тоа треба да има значително подобри перформанси и енергетска ефикасност.
На задната страна на Pixel 10 Pro Fold се наоѓаат три камери – главна од 48 MP, ултраширока од 10,5 MP со агол на снимање од 127° и 10,8 MP телефото камера со 5x оптички зум. На секој екран има и по една предна камера, секоја со сензор од 10 MP, што е повеќе од доволно за видеоповици и селфи фотографии.
![]()
Додека Pixel 9 Pro Fold имаше батерија од 4.650 mAh, Pixel 10 Pro Fold доаѓа со батерија од 5.015 mAh со поддршка за 30-ватно жично и 15-ватно Qi2 безжично полнење. За телефон од оваа ценовна класа тоа не се некои импресивни бројки, но сепак е подобро од Samsung Galaxy Z Fold 7 кој има батерија од скромни 4.400 mAh. Од Google не откриваат очекувана автономија, но наведуваат дека телефонот може да се наполни до 50% за 30 минути.
Од останатите карактеристики, треба да се истакне дека Pixel 10 Pro Fold има IP68 сертификат за отпорност на прашина и вода, нов механизам за преклопување, страничен сензор за отпечаток интегриран во копчето за вклучување, стерео звучници, три микрофони и поддршка за Wi-Fi 7, Bluetooth 6, NFC, UWB и dual SIM (една физичка + една eSIM). Доаѓа со Android 16 и ќе добива седум години големи надградби и безбедносни закрпи.
![]()
Може да се купи во сива и зелена боја, а почетната цена е 1.899 евра за моделот со 256 GB, исто како и кај претходникот. Верзијата од 512 GB ќе чини 2.029 евра, додека најскапиот модел со 1 TB ќе биде 2.289 евра.

