Google тврди дека не гледа ситуација во иднина во која редовно ќе се користат уреди поголеми од паметен телефон, па затоа компанијата одлучи да се откаже од развој на таблет уреди.
Google и официјално потврди дека се откажува од развој на нови таблети. Оваа вест доаѓа речиси две години по претставувањето на Pixel Tablet, а како што велат од Google за Bloomberg, нови модели нема да има сè додека не пронајдат посмислена иднина за таа категорија на уреди.
Од Google исто така велат дека во моментов не гледаат ситуација во блиска иднина во која корисниците редовно би користеле уреди поголеми од мобилен телефон. Ваквата изјава е прилично необична, со оглед на тоа дека Apple и понатаму бележи милионска продажба на iPad, а пазарот на Android таблети исто така не е замрен. Напротив, конкуренти како Samsung и Xiaomi редовно претставуваат нови модели.

Се разбира, малку е веројатно дека огромна компанија како Google ќе признае дека едноставно не била добра во дизајнирањето софтвер за таблети, што според мислењето на аналитичарите било причина за слабата продажба, па наместо тоа се „вади“ дека таблетите повеќе немаат смисла.
Инаку, Google Pixel Tablet беше претставен на средината на 2023 година и доаѓаше со 11-инчен LCD екран и Tensor G2 SoC. Заедно со него имаше и магнетска dock-станица, со што таблетот се претвораше во некаков паметен хаб. Иако концептот беше релативно интересен, продажбата очигледно била прилично слаба.



