Истражувачите од Meta претставија ласерски дисплеј со дебелина од само 2 мм, базиран на фотонски интегрирани кола. Оваа технологија би можела да овозможи лесни и светли AR очила на иднината.
Истражувачите од Meta постигнаа значаен напредок во ласерската технологија на екрани, што би можело да има големо влијание врз иднината на проширената реалност (AR). Нивниот нов дисплеј нуди одличен приказ на бои, резолуција 1920×1080 и, што е најважно, дебелина од само 2 милиметри – отворајќи можност за создавање вистински „Sci-Fi“ AR очила.

Досега ласерските дисплеи имаа предност во осветленоста и прецизноста на боите, но беа гломазни, неефикасни и тешки за производство. Meta, сепак, најде решение со користење на фотонски интегрирани кола (PIC). За разлика од претходните технологии кои бараа проектори и сложени оптички патишта, интеграцијата на PIC овозможува сите потребни елементи – прием, модулација и насочување на светлината – да бидат на еден чип со големина од само неколку сантиметри.
PIC прима RGB ласерска светлина од извори интегрирани во самиот панел и ја обработува преку илјадници микрокомпоненти, по што се прикажува преку „Liquid Crystal on Silicon“ (LCOS) панел. Резултатот е дисплеј со дебелина од само 2 мм, што го прави повеќе од 80 пати потенок од стандардните LCOS решенија, со значително поширок спектар на бои.
Крајниот производ е екран со димензии 5×5 мм, демонстриран во AR систем, каде успешно проектирал јасни и светли слики во реална околина. Истражувачите нагласуваат дека технологијата е компатибилна со CMOS процеси, што значи дека може да биде исплатлива и за масовно производство.

Мета веќе има искуство во развој на AR очила и соработка со брендот Ray-Ban, а со ова откритие ја потврдува својата амбиција да понуди лесни AR очила за целодневна употреба. Доколку оваа технологија заживее, би можела да претставува клучен чекор кон реализација на визијата за проширена реалност што изгледа како научна фантастика, пренесува Extremetech.

