Новата функција во Windows 11 овозможува продолжување на користење Android апликации на компјутер, почнувајќи со поддршка за Spotify.
Microsoft започна со тестирање на нова функција во Windows 11, која им овозможува на корисниците да продолжат со користење на Android апликации директно на својот компјутер.
Опцијата моментално е достапна во Dev и Beta каналите за Windows Insider корисниците и засега функционира исклучиво со Spotify апликацијата.
Windows 11 добива Handoff опција за Android апликации
Во пракса, функцијата работи така што го поврзувате вашиот Android телефон со компјутерот. Кога пуштате песна на Spotify мобилната апликација, на Windows 11 компјутерот ќе се појави известување „Resume from your phone“ со иконата на Spotify и опцијата „Continue on this PC“.
Со кликнување на известувањето, Windows ќе ја отвори Spotify десктоп апликацијата или ќе понуди нејзина инсталација доколку не е присутна и ќе ја продолжи репродукцијата на истата песна без прекин.
Првпат, Microsoft ја прикажа оваа можност за време на демо презентација на Build 2025 настанот, која подоцна беше отстранета. Функцијата потсетува на Apple-овиот Handoff, кој им овозможува на корисниците да продолжат со своите активности меѓу Mac, iPhone, iPad или Apple Watch.
За сега не е познато како Microsoft планира да ја прошири оваа опција, но потенцијалот е голем. Можно е во иднина да се овозможи продолжување и на други активности започнати на телефонот, како читање на статија или пишување е-пошта директно на компјутер, со што дополнително би се унапредила поврзаноста помеѓу Android уредите и Windows 11 околината.