Благодарение на интеграцијата на Google Vids во Drive, корисниците ќе можат едноставно и брзо да извршат основна обработка на видеа кои автоматски се зачувуваат во облак.
Откако неодамна беа воведени можности како автоматско генерирање титлови, моментално пуштање видеа и преглед на сличици сличен на YouTube, Google Drive сега добива и интеграција со алатката Google Vids.
Имено, корисниците на одредени Workspace домени ќе видат виолетова икона на Google Vids при отворање на видео во Drive. Со клик на неа, видеото автоматски ќе се вчита во Vids, каде ќе може да се скрати, да се додаде музика, текст и други медиумски елементи. Иако станува збор само за основни опции за уредување, главната предност е тоа што сè се изведува во облак.
Сепак, оваа интеграција доаѓа со одредени ограничувања. Од Google напоменуваат дека се поддржани само MP4, QuickTime, OGG и WebM формати, со времетраење до 35 минути и големина до 4 GB. Исто така, опцијата нема да биде достапна за бесплатните корисници на Drive, туку само во рамки на пакетите Workspace Business, Enterprise, Essentials, Nonprofits, како и за корисници со Gemini и Google AI претплати.
Новата опција би требало да стане достапна во наредните 15 дена, а од Google велат дека најдобро ќе функционира на десктоп компјутери.