Теоријата што ја обработува хипотезата за „анти-универзум“ би можела да го објасни потеклото на темната материја и да донесе нов поглед на неутринските честички.
Научниците веруваат дека некаде во космосот би можел да постои „анти-универзум“ кој изгледа како огледална слика на нашиот свет и функционира сосема спротивно од него. Доколку оваа теорија се покаже како точна, таа би можела да го објасни потеклото на темната материја – една од најголемите нерешени мистерии на модерната физика.
За да ја разбереме оваа идеја, мора да се вратиме на самиот почеток на вселената и теоријата за Големата експлозија (Big Bang). Тој термин опфаќа низа различни хипотези преку кои космолозите се обидуваат да го приближат моментот на настанување на универзумот. Иако повеќето се согласуваат дека тогаш материјата „експлодирала“ и почнала да се шири, постојат несогласувања околу тоа дали почетната температура била екстремно висока или апсолутна нула. Уште поголема непознаница е што навистина се случувало пред самата Голема експлозија. Некои сметаат дека она што го нарекуваме „експлозија“ можеби воопшто не бил почеток, туку дел од еден поголем процес – еден вид космички „отскок“.

Анти-универзум и темна материја
Темната материја, доколку навистина постои, е уште позагонетна од самата Голема експлозија. Таа сочинува најголем дел од материјата во универзумот, но никогаш не е директно забележана. За нејзиното постоење заклучуваме само врз основа на физички ефекти, како што се гравитациските бранови, бидејќи темната материја ниту емитува ниту рефлектира светлина. Сепак, токму од нејзиното објаснување зависи разбирањето на денешниот космос.
Според новата хипотеза, „анти-универзумот“ би можел да постои паралелно со нашиот, но би течел времено наназад – пред Големата експлозија – додека нашиот универзум се шири нанапред. Студија објавена во 2018 година во списанието Annals of Physics, спроведена од истражувачи од Периметар институтот за теоретска физика во Канада, сугерира дека Големата експлозија можеби била помала и посиметрична отколку што се мислело претходно. Тие тврдат дека овој модел нуди едноставно и елегантно објаснување за постоењето на темната материја.
Интересно е што оваа теорија ја елиминира потребата од т.н. „инфлација“ – идејата според која универзумот во првите моменти од своето постоење морал нагло и екстремно брзо да се шири за воопшто да ги достигне денешните димензии. Наместо тоа, ширењето би можело да биде поприродно и порамномерно, што би го поедноставило објаснувањето на неговиот развој.

За универзумите „пред“ и „по“ Големата експлозија навистина да бидат симетрични, би било неопходно воведување на нова честичка во постојното разбирање на космосот. Денес знаеме за неутрино-честичките: исклучително ситни и сè уште недоволно разбрани честички што учествуваат само во гравитацијата и слабите нуклеарни интеракции. Доколку навистина постои анти-универзум, темната материја би можела всушност да биде „деснорак“ неутрино – природен противник на „левораките“ неутрино-честички од нашиот универзум.
Иако звучи како научна фантастика, ваквите теории имаат клучна улога во космологијата. Науката напредува преку објавување идеи и модели, на кои други истражувачи одговараат со сопствени мерења и набљудувања. На тој начин се создава интелектуална трага низ времето, која ни овозможува постепено да го усовршуваме разбирањето на вселената и да развиваме нови, пософистицирани методи за откривање на космичките тајни, пишува Popular Mechanics.
