Google воведува строги правила од 2027 година, кога на Android телефоните ќе може да се инсталираат само апликации од верификувани програмери.
Со години Android беше познат по својата слобода и флексибилност, овозможувајќи им на корисниците да инсталираат апликации и надвор од официјалната Google Play продавница преку т.н. sideload метод. Но, токму таа отвореност носеше и сериозни безбедносни ризици, бидејќи малициозни програми често ги користеа APK-датотеките за да ја заобиколат заштитата и да ги загрозат уредите на корисниците.
Сега Google ги менува правилата на игра. Во официјално соопштение компанијата објави дека ќе воведе нова обврска од 2026 година, кога сите програмери ќе мора да поминат процес на верификација, а апликациите што доаѓаат од нерегистрирани и непроверени автори повеќе нема да може да се инсталираат на Android телефони.
Google го ограничува „sideload“ инсталирањето на Android
Google го споредува овој систем со контролата на аеродром, каде посебно се проверува идентитетот на патниците, а посебно нивниот багаж. Идејата е преку директна проверка на идентитетот на авторите на апликациите да се спречи ширењето на малициозен софтвер.

Планот за имплементација е постепен. Од март 2026 ќе бидат отворени верификациските канали за сите програмери, додека новите правила од септември истата година најпрво ќе стапат во сила во Бразил, Индонезија, Сингапур и Тајланд. Конечно, од 2027 година новата политика ќе се применува глобално. Тоа значи дека на сите Android уреди ќе може да се инсталираат само апликации потпишани од сертификувани програмери.
Со овој потег Google јасно ја става безбедноста на корисниците во прв план, но значително ја намалува флексибилноста која досега беше едно од клучните обележја на Android платформата. Останува да се види како ќе реагира заедницата на корисници и програмери на оваа промена, особено оние што досега го користеа „sideload“ како алтернативен пат до апликации кои не беа достапни на Google Play продавницата, пренесува ADB.



