Градот Тојоаке официјално би можел оваа есен да донесе правила за ограничување на користењето мобилни телефони, со цел подобрување на психофизичкото здравје на своите жители. Но, за прекршителите не би биле предвидени казни.
Во јапонскиот град Тојоаке, во префектурата Аичи, градоначалникот најави дека градската управа наскоро ќе гласа за еден необичен предлог – новите правила би им го ограничиле користењето на мобилните телефони на граѓаните на најмногу два часа дневно, се разбира, надвор од работните обврски и училиштето. Освен што на жителите на овој начин би им било укажано дека постојаното и долготрајно користење на мобилен телефон не е здраво, ќе се настојува да се влијае и врз добросостојбата на децата и младите. Така, во истиот правилник би стоело и дека учениците од основно училиште смеат да користат мобилни телефони најдоцна до 21 часот, а средношколците до 22 часот навечер.
Правила без казни
Основната цел на прописот би била подобрување на психофизичкото здравје на населението, зголемување на интересот за други (поздрави) активности и продолжување на времето за одмор и сон. Користењето на мобилен телефон во активности како што се фитнес, готвење, учење, вежбање е-спортови и слично не би било опфатено со ограничувањето, туку дозволените два часа би се однесувале исклучиво на користење во време на забава – односно, кога корисникот гледа филмови и серии, „виси“ на социјални мрежи и слично.

Сепак, градската управа не планира строго да ги спроведува новите правила ниту да ги казнува „прекршителите“. Градоначалникот вели дека се надева оти воведувањето на правилата ќе биде сфатено само како препорака и ќе послужи за поттикнување разговори во семејствата за тоа како и колку се користат мобилните телефони. И покрај тоа, властите се „преплавени“ со писма и повици од незадоволни граѓани, кои сметаат дека предложеното ограничување е премногу кратко. Околу 80% досега негативно се изјасниле за предлогот, наведувајќи дека два часа не се доволни ниту за гледање филм или читање книга.
Предлогот за необврзувачки правила за користење паметни телефони најпрво ќе помине низ рецензија од официјалната законодавна комисија, а потоа треба да се најде на гласање на 22 септември. Градот Тојоаке моментално има околу 69.000 жители.
