Huawei е подготвен на 4 септември да го претстави својот следен тројно преклопен телефон – Mate XTs, наследникот на минатогодишниот модел Mate XT Ultimate Edition.
Компанијата веќе ги отвори резервациите во Кина, а на сајтот VMall е потврдено дека уредот ќе биде достапен во три варијанти на меморија: 16 GB + 256 GB, 16 GB + 512 GB и 16 GB + 1 TB. Купувачите ќе можат да изберат помеѓу четири бои – Dark Black, Hibiscus, Ruihong и White. Според досегашните информации, Mate XTs ќе користи нов Kirin 9020 чипсет и ќе работи на платформата HarmonyOS 5.1.
Кога станува збор за дизајнот, уредот носи унапреден Tiangong двоен систем на шарки и задна страна со текстурирана површина. Модулот на задната камера се одликува со рамка исечена во форма на дијамант и вклучува четири сензори, додека веднаш до нив е поставен вертикално ориентиран LED блиц во форма на капсула. Претходните информации упатуваат на тоа дека главниот екран би можел да има големина од 7,9 инчи, додека системот на камери ќе го предводи примарен сензор од 50 мегапиксели. Дополнително, Mate XTs ќе поддржува користење на стилус пенкало и ќе нуди сателитска поврзаност.
Цената во Кина се очекува да изнесува околу 20.000 јуани (околу 2400 евра), додека Huawei сè уште нема потврдено меѓународна достапност. Сепак, имајќи ја предвид засилената експанзија на брендот на странските пазари, не е исклучено Mate XTs да добие премиера и надвор од кинескиот пазар.