Уште еден голем Android играч ја напушта функцијата на обратно полнење во корист на вградување на Qi2 функцијата за безжично полнење. Најавата дека тоа ќе го стори Samsung S26 предизвикува поделени реакции кај корисниците.
Google со својата нова Pixel 10 серија донесе значајна иновација – воведување на Qi2 магнетната безжична технологија за полнење. Благодарение на вградените магнети, овозможено е искуство слично на Apple MagSafe системот, и тоа без потреба од дополнително заштитно куќиште. Сега сè погласно се зборува дека истото ќе го направи и следниот Samsung S26.
Сепак, оваа надградба има и своја цена. Google мораше да се откаже од опцијата за безжично обратно полнење. Компанијата објасни дека причината е физичко ограничување, бидејќи магнетите потребни за стабилна Qi2 врска го попречуваат сигурното функционирање на безжичното обратно полнење, па овие две технологии не можат да работат заедно.

Qi2 носи предности, но ја жртвува функцијата на обратно полнење
Samsung планира следната година кај својата Galaxy S26 серија да го воведе истото решение, што значи дека и овој производител би можел да ја отстрани можноста за безжично обратно полнење. Доколку тоа навистина се случи, а веќе два водечки бренда тргнат по тој пат, постои голема шанса тоа да стане нов тренд во Android-светот. Веста предизвика бурни реакции кај корисниците.
Додека едни сметаат дека ова е разочарувачки бидејќи се работи за практична функција во итни ситуации, други истакнуваат дека ретко ја користат и дека нејзиното укинување нема да претставува голем проблем.
Безжичното обратно полнење постои со години на Android уредите и служи телефонот да се користи како безжичен полнач за други уреди како паметни часовници и безжични слушалки. Иако не се користи секојдневно, често знае да биде спас во клучни моменти кога дополнителен уред ќе остане без батерија.

Во моментов серијата Samsung S25 и Z Fold7 ја поддржуваат Qi2 технологијата, но таа функционира преку дополнително куќиште, додека за S26 се очекува уште од старт да биде составен дел на можностите на новиот модел, поради што можеби ќе се жртвува споменатата функционалност.
Интересно е и тоа што неодамна се појавија гласини дека Apple би можел да воведе безжично обратно полнење кај iPhone 17 Pro серијата. Сепак, мислењата на пазарот се поделени, а дел од аналитичарите сметаат дека е мала веројатноста тоа да се случи, наведува Android Headlines.

