Компанијата Google го користи Gemini AI за да ја зголеми моќта на Google Translate, кој сега им овозможува на корисниците да вежбаат нови јазици преку креирање персонализирани сесии за вежби за слушање и говор на нивниот посакуван јазик.
„Без разлика дали сте почетник кој сака да вежба конверзација или напреден познавач на јазик кој сака да го освежи вокабуларот за претстојното патување, Google Translate сега може да креира прилагодени сесии за вежби за слушање и говор само за вас. Овие интерактивни вежби се генерираат во моментот и интелигентно се прилагодуваат на вашето ниво на вештина“, изјави Мет Шитс, менаџер на производи во Google.
Прилично е едноставно да се започне. Потребно е да ја отворите апликацијата Google Translate, да изберете „Practice“, да го поставите вашето ниво на вештина и целите – и тоа е сè. Google Translate ќе креира сценарио специјално за секој корисник.

„Во секое сценарио можете да слушате разговори и да допрете на зборовите што ги слушате за да развиете разбирање или можете да вежбате говор со корисни совети достапни секогаш кога ви се потребни“, напиша Шитс. Google Translate ќе го следи вашиот напредок со секоја лекција.
„По позитивните повратни информации од раните тестери, возбудени сме што оваа недела почнуваме да го прошируваме ова бета-искуство во апликацијата Translate за Android и iOS. Најпрво функцијата е достапна за говорителите на англиски јазик кои вежбаат шпански и француски, како и за говорителите на шпански, француски и португалски јазик кои вежбаат англиски“, се наведува на блогот.
Google, исто така, најави и други ажурирања на своите алатки за учење јазици, како превод во реално време во апликацијата Translate. Сите овие ажурирања произлегуваат од вештачката интелигенција и машинското учење на Google, за кои велат дека и помогнале на компанијата да направи „огромен напредок во квалитетот на преводот, мултимодалниот превод и можностите за претворање на текст во говор (TTS)“.
„Секој месец луѓето преведуваат околу билион зборови преку Google Translate, Search и во визуелните преводи во Lens и Circle to Search. Совладувањето на јазичните бариери, благодарение на вештачката интелигенција, сега го правиме уште полесно“, напиша Шитс.

