LG телевизорите, како поновите така и постарите модели, го воведуваат сервисот Gallery+ на OLED и QNED телевизорите, нудејќи повеќе од 4.000 уметнички и фото содржини.
LG телевизорите добиваат голема надградба на функциите за OLED и QNED моделите, вклучувајќи ги и постарите. Новиот сервис под име Gallery+ носи повеќе од 4.000 визуелни содржини: од уметнички дела и филмски сцени до фотографии и сцени инспирирани од видео-игри. На овој начин, кога телевизорот не се користи за гледање програма, може да стане дигитална рамка за уметнички дела.
Најголемиот ривал на Samsung The Frame сега доаѓа токму од LG. Додека Samsung веќе со години нуди можност за прикажување на уметнички дела на екранот, LG оди чекор понатаму бидејќи Gallery+ нема да биде ограничен само на новите модели, туку до крајот на годината ќе пристигне и на „одбрани постари телевизори“. Така, корисниците нема да мораат да купуваат специјализиран ТВ, туку преку апликацијата ќе добијат слична функционалност.
Сервисот овозможува избор помеѓу статична слика или slideshow приказ, а може да се додаде и позадински звук. Постојат два режима на работа: постојано вклучен приказ и опција чувар на екранот. Телевизорот автоматски ја прилагодува осветленоста на приказот во зависност од амбиенталното осветлување во просторијата.

Gallery+ ќе биде достапен во две верзии: бесплатна, со ограничени и посебно одбрани содржини, и претплатничка, која ја отклучува целата колекција. Цената на претплатата сè уште не е објавена, а сервисот секој месец ќе добива нови визуелни материјали. Покрај тоа, апликацијата поддржува поврзување со Google Photos сервисот, па корисниците можат да прикажуваат и свои фотографии или AI-генерирани креации.
Со овој потег, LG нуди конкуренција на Samsung The Frame моделите, но со пониска цена на телевизорите со иста големина, што може да привлече корисници за кои естетиката на просторот е еднакво важна како и квалитетот на сликата — се додека не им пречи тоа што LG нема мат екран наменет за верно прикажување уметнички дела, пренесува T3.

