Apple и Google преминуваат на телефони кои исклучиво користат eSIM, додека одредени пазари пружаат отпор затоа што корисниците ги кочат високите трошоци и комплицираната процедура за активација.
Последниве години eSIM станува сè поважна тема меѓу корисниците кои често патуваат во странство, бидејќи овозможува брза активација на мрежата без замена на физичка картичка. Apple и Google веќе извесно време имаат план целосно да ги отстранат класичните SIM картички од своите телефони и да воведат модели засновани исклучиво на eSIM технологијата.
Најнов пример е Google Pixel 10 серијата, претставена овој месец, која во САД пристигнува без поддршка за физички SIM картички. Освен Pixel 10 Pro Fold моделот, сите останати уреди од оваа серија користат исклучиво eSIM.
Apple и Google го забрзуваат преминот на eSIM
Apple со овој тренд започна уште во 2022 година, кога американскиот iPhone 14 дебитираше со исклучива eSIM поддршка. Според најновите информации, компанијата има намера да го прошири тој концепт со iPhone 17, а дел од европските дистрибутери веќе се информирани дека нивните вработени до 5 септември мора да ја завршат обуката за работа со eSIM модели. Тоа јасно укажува дека и Европа наскоро ќе добие iPhone исклучиво со eSIM. Дополнително, Apple планира да воведе iPhone 17 Air, ултра тенок модел кој во повеќе земји ќе биде претставен само во eSIM верзија.

Сепак, проблемот е што eSIM на многу пазари сè уште не е доволно прифатен. Поголемиот дел од корисниците го користат само за време на патувања, додека во домашни услови и натаму доминираат физичките картички. Главните причини се дополнителните трошоци и покомплицираната процедура.
Многу оператори наплаќаат дополнително за активација на eSIM, а ослободување од таа такса е можно само во посебни случаи. Покрај тоа, процесот на подесување сè уште е премногу комплициран за просечните корисници, па мнозинството останува при класичните SIM картички. Јасно е дека преминот на eSIM ќе зависи од тоа колку операторите ќе бидат подготвени да ја поедностават процедурата и да ги намалат трошоците.

