Истражување покажува дека 68% од постојните корисници на Apple планираат да преминат на iPhone 17, додека половината сепак ги привлекуваат Android моделите поради цената и AI функциите.
Apple се подготвува за големата есенска конференција на 10 септември, кога ќе го претстави iPhone 17. Според истражувањето спроведено од сајтот SellCell на повеќе од 2.000 корисници на iPhone во САД, дури 68,3% од испитаниците планираат да преминат на новиот модел.
Ова претставува значителен пораст во однос на минатогодишниот интерес за iPhone 16, кој изнесуваше 61,9%. Најбарани се моделите Pro и Pro Max со 38,1% интерес, додека за новиот ултра-тенок дизајн се одлучиле само 13,5% корисници. Стандардниот iPhone 17 планираат да го купат 16,7% од испитаните, а 3,3% трпеливо чекаат iPhone со преклоплив екран.
iPhone 17 носи возбудување, но и голема дилема
Главната причина за надградба е батеријата, што го навеле дури 53,2% од испитаниците. Новиот дизајн и функциите мотивираат 36,2% корисници, додека екранот привлекува 34,3%. Интересно е што вештачката интелигенција и софтверските можности не се пресудни, бидејќи како клучен фактор ги гледаат само 7,1% од испитаните.
Истражувањето покажува и многу висок степен на задоволство – дури 72,9% од корисниците моментално се многу задоволни од работата на iPhone, што е повеќе од претходните години. Сепак, 27,1% сметаат дека Apple ја изгубил предноста во однос на конкурентите, особено во областа на AI функциите.
Дури 51% од испитаниците признаваат дека Android моделите ги привлекле со своите карактеристики, пред сè AI функциите (13%), пониската цена (11%), камерите (11%) и иновациите како свитливите екрани (9%). Само 49% остануваат безусловно верни на Apple екосистемот.
Кај оние што не планираат надградба, 71,67% изјавиле дека сè уште се задоволни со актуелниот уред. Најголема пречка, сепак, останува цената. За 68,9% од корисниците тоа е главната причина да не го купат iPhone 17. Останатите наведуваат недостиг од поголеми иновации (16,12%) и загриженост за траењето на батеријата кај iPhone 17 Air моделот (13,93%). Дополнителен значаен фактор е можноста за зголемување на цената поради царинската политика на САД – 37% од корисниците истакнуваат дека тоа би можело да ги одврати од купување или да ја одложи одлуката.