Samsung конечно го направи она што го очекувавме од Galaxy Z Fold телефоните — вистински димензии на предниот екран, потенок и полесен телефон. Резултатот е најтенкиот и најлесен преклопен смартфон на Samsung со моќен хардвер, камера од 200 MP и цела низа корисни AI функции.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Ако бидеме реални, преклопните смартфони и покрај големиот напредок сè уште не го земале замавот на кој се надеваа производителите како Samsung. Недовербата во овие флексибилни екрани на преклоп и шарки сè уште не е целосно надмината, а и прашање е кога тоа ќе се случи. Сепак, тоа не ja спречува компанијата Samsung да направи некои храбри чекори во вистинската насока.
Оваа година вистински хит е новиот Galaxy Fold 7 на Samsung, а продажните резултати за првпат во историјата на Galaxy Z преклопниците покажуваат дека Fold е попопуларен од Flip – што испраќа силна порака. Дали навистина е толкав „game changer“?

Дизајн
Оваа година фокусот е апсолутно на дизајнот, а целта на сите компании е овие преклопни мини таблет уреди да бидат елегантни како класичните мобилни телефони кога се користи надворешниот дисплеј. Samsung со новиот Fold 7 направи нешто за што мислевме дека никогаш нема да се оствари. Fold 7 сега е едвај нешто подебел од Galaxy S25 Ultra, па дури е и неколку грама полесен. Ова, според мене, го прави најатрактивниот и најдобриот Fold досега.
Некои ќе замерат на компромисот што овозможува овој Fold да биде толку тенок – отстранета е поддршката за S Pen пенкалото. Но, мене лично тоа не ми недостига бидејќи и онака нема слот за складирање и полнење. Друго големо подобрување е зголемувањето на Cover екранот однадвор. Зголемувањето од 6.3 на 6.5 инчи можеби не звучи толку големо, но бидејќи се должи на проширување на екранот, значи премногу. Сега надворешниот дисплеј на Fold е далеку поупотреблив и повеќе наликува на класичен смартфон, а особено е полесно да се пишува на него.
Кога ќе ви здодее да му се восхитувате однадвор, со отворање Fold 7 нуди уште поголем, овојпат 8-инчен екран со потенка рамка и уште понеупадлив набор на преклопот. Новата уште понапредна Armor FlexHinge шарка и понапредното UTG стакло на преклопниот екран гарантираат и до половина милион преклопувања. Ако треба да ситничариме, би рекле дека ваков тенок уред и со рамни рабови е малку потешко да се подигне од маса и да се расклопи, во споредба со претходните Fold модели.
Селфи камерата се врати на површината на дисплејот, што резултираше со многу подобар квалитет на фотографии и видеа во споредба со оние снимени со камерата под екранот. Погледот на долниот раб уште еднаш потврдува колку е тенок овој уред, бидејќи едвај некако е сместен USB-C портот. Во слотот на врвот собира само една nano SIM картичка, уредот сè уште има стерео звучници, а сензорот за отпечатоци е стандардно поставен странично.
Екрани
И надворешниот и внатрешниот екран пораснаа во дијагонала за уште поголемо уживање во содржината – што секогаш е за поздравување, а добредојдена е и подобрата заштита од гребење и пукање на надворешниот екран. Со проширувањето на надворешниот екран, на него може да се заврши повеќе работа, што ја намалува потребата од расклопување, а со тоа се троши и помалку батерија.

Samsung со новиот One UI 8 го направи внатрешниот дисплеј уште пофункционален – повеќето апликации се прилагодуваат за да бидат поудобни за работа. Така, во WhatsApp на левата страна се прикажуваат контактите, а на десната – разговорите. Никогаш не било полесно да се прикажат повеќе апликации одеднаш и да се разместуваат како што сакате. Целиот екран го користи и Google Gemini, кој сега е уште подлабоко интегриран.
Наборот на внатрешниот екран е уште понеупадлив од порано, иако под прсти одвреме навееме може да се почувствува. Сè што ќе започнете на надворешниот екран продолжува на внатрешниот – гледањето видеа, сурфањето, навигацијата и гејмингот изгледаат уште подобро и побогато.

Острината, мазноста и репродукцијата на бои кај двата екрана се извонредни, но со PWM затемнувањето не ја следат конкуренцијата, па овие дисплеи веројатно повеќе ќе ги заморуваат оние со очи чувствителни на трепкање при пониски нивоа на осветлување. Накратко, Fold 7 на најдобар начин досега нуди мини таблет што го собира во џеб како нормален паметен телефон.
Камери
Покрај значително подобрениот дизајн, екрани и перформанси, Samsung со Galaxy Z Fold 7 видливо ги подобри и камерите. Fold 7 доаѓа со истата 200 MP камера каква што ја поседува флегшип моделот Galaxy S25 Ultra. Fold 7 има две 10 MP селфи камери сместени во отвори на надворешниот и внатрешниот екран. Да потсетиме, ланскиот Fold 6 имаше 4 MP селфи камера скриена под внатрешниот екран – и тоа не беше баш најдобро решение, па затоа го поздравуваме враќањето на селфи камерата во „punch hole“ отвор.

Двете селфи камери продуцираат одлични фотографии и видеа до 4K резолуција, но најдобро е да снимате со главните камери користејќи го надворешниот екран за кадрирање. На задната страна има примарна 200 MP камера, која помага и при зумирање, бидејќи Fold 7 има само една 10 MP телефото камера со 3x оптички зум, а потоа повторно го користи примарниот сензор за дигитално зумирање. До нив има и 12 MP ултраширока камера со автофокус.
Со камерите на Fold 7 креиравме многу одлични фотографии во различни светлосни услови – па доколку мислевте дека преклопниците сè уште заостануваат зад класичните телефони според камерата, тоа повеќе не е случај. Galaxy AI импресивно брише луѓе и објекти од фотографиите и го пополнува просторот зад нив – што е реално и најчесто користената AI алатка. Видеото е исто така одлично – до 8K квалитет.
One UI 8.0 и Android 16
Со купување на Galaxy Z Fold 7 добивате еден од ретките смартфони, кои покрај Google Pixel, во моментов работат на Android 16. Секако, Samsung го покрива со својот One UI 8.0 кориснички интерфејс, кој според изгледот не се разликува многу од One UI 7, но уште подлабоко го интегрира Galaxy AI и Google Gemini.

Како и секогаш, интерфејсот нуди безброј опции за персонализација, а никогаш подобро не го користи големиот преклопен екран за максимална продуктивност преку мултитаскинг и прикажување повеќе апликации одеднаш. Можете да сметате и на 7 години ажурирања и софтверска поддршка.
Перформанси и батерија
И покрај тенкото и елегантно куќиште, Fold 7 не прави компромиси кај перформансите. Го покренува истиот Snapdragon 8 Elite for Galaxy што го придвижува и Galaxy S25 Ultra. Доаѓа со 12 до 16 GB RAM, но основниот модел со 256 GB интерна меморија според мене е недоволен – ваков телефон мора да има барем 512 GB простор за складирање. Истото важи и за Galaxy S25 Ultra.
Врвните перформанси се чувствуваат во буквално сè – сурфање, фотографирање, обработка на фотографии и видеа, па дури и при гејминг. При поголем напор уредот ќе се загрее, но со оглед на дебелината под 5 мм, тоа е оправдано.

Немам поголеми забелешки за повиците и поврзливоста. Секогаш имам чувство дека Samsung телефоните полесно губат сигнал во проблематични области, но тоа не е пресуден проблем.
Иако сите се надевавме, Galaxy Z Fold7 сепак не доби поголема батерија. Додека конкуренцијата ги опремува своите преклопни смартфони со нови, посилни силициум-карбонски батерии, Samsung сè уште останува на класиката. Батеријата остана на 4400 mAh, но благодарение на новиот поштедлив чип, автономијата е малку подобра отколку кај претходникот. При тестирањето, без проблем траеше од утро до доцна вечер.

Она што повеќе може да пречи е сè уште спорото полнење – максимум 25W на кабел и 15W безжично. Наш совет: полнете го во расклопена состојба, за топлината подобро да се распрсне и долгорочно помалку да влијае на трајноста на батеријата.
Заклучок
Galaxy Z Fold 7 е вистински доказ дека Samsung е сè уште е лидер во категоријата преклопни смартфони. Подобрувањата во дизајнот, екраните, перформансите и камерите се очигледни и го прават овој Fold поатрактивен од кој било претходно, но и посериозен ривал на импресивните кинески преклопници.
Во следната генерација очекуваме подобрувања кај батеријата – Samsung мора да почне со имплементација на силициум-карбонски батерии и побрзо полнење. Исто така, убедени сме дека основниот модел мора да има барем 512 GB интерна меморија.

За целосно Samsung искуство ги препорачуваме и Galaxy Watch 8 и Galaxy Watch 8 Classic паметните часовници, кои изгледаат подобро од кога било и го донесуваат Google Gemini на зглобот и ако му дозволите – ви го подобрува здравјето и фитнесот.
Новиот Galaxy Z Fold7 е достапен во три различни бои – црна, сребрена и сина боја. За да дознаете повеќе за новиот Galaxy Z Fold7 and другите Galaxy паметни телефони, посетете ја страницата samsung.mk.
Оценка: 



(5/5)
Цена: 124.999 денари
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
| Galaxy Z Fold7 | ||
|---|---|---|
| Дисплеј | Главен Екран | 8.0 инчен QXGA+*Dynamic AMOLED 2X
Infinity Flex Display (2184 x 1968), 368ppi 120Hz адаптивна стапка на освежување (1~120Hz) |
| Надворешен Екран | 6.5 инчен FHD+Dynamic AMOLED 2X Display
(2520 x 1080, 21:9), 422ppi 120Hz адаптивна стапка на освежување (1~120Hz) |
|
| Димензии и тежина | Преклопен | 72.8 x 158.4 x 8.9мм |
| Отколпен | 143.2 x 158.4 x 4.2мм | |
| Тежина | 215г | |
| Камера | Надворешна Камера | 10MP Селфи камераF2.2, Големина на пиксел: 1.12μm, FOV: 85˚ |
| Главна Камера | 10MP Главна камераF2.2, Големина на пиксел: 1.12μm, FOV: 100˚ | |
| Задна тројна камера | 200MP Широк аголна камераQuad Pixel AF, OIS, F1.7, Големина на пиксел: 0.6μm, FOV: 85˚ | |
| 12MP Ултра-широк аголDual Pixel AF, F2.2, Големина на пиксел: 1.4μm, FOV: 120˚ | ||
| 10MP Телефото камераPDAF, OIS, F2.4, Големина на пиксел: 1.0μm, FOV: 36˚, 3X оптички зум | ||
| AP | Snapdragon® 8 Elite за Galaxy. | |
| Меморија и Складирање | 16GB со 1TB внатрешно складирање12GB со 512GB внатрешно складирање
12GB со 256GB внатрешно складирање |
|
| Батерија | 4,400mAh (типично) двојна батерија | |
| Полнење | Жично полнење: До 50% полнење за околу 30 мин. со 25W адаптер и 3A USB-C кабелБрзо безжично полнење 2.0
Безжично PowerShare |
|










