Во трката за вештачка интелигенција се појави нов играч, бидејќи Швајцарија го разви Apertus, својот национален голем јазичен модел (LLM) со отворен код, за кој се надева дека ќе биде алтернатива на моделите што ги нудат компании како OpenAI.
Apertus е латински збор кој значи „отворен“, а го развија Швајцарскиот федерален технолошки институт во Лозана (EPFL), ETH Zurich и Швајцарскиот национален суперкомпјутерски центар (CSCS), кои се јавни институции.
„Во моментов, Apertus е водечки јавен модел на вештачка интелигенција, развиен од јавни институции за јавен интерес. Тоа е наш најдобар доказ досега дека вештачката интелигенција може да биде облик на јавна инфраструктура, како автопатите, водата или струјата“, изјави Џошуа Тан, водечки застапник за претворање на вештачката интелигенција во јавна инфраструктура.
Швајцарските институции го дизајнираа Apertus да биде целосно отворен, овозможувајќи им на корисниците да го прегледаат секој дел од процесот на неговата обука. Покрај самиот модел, тие објавија сеопфатна документација и изворен код на процесот на обука, како и збирки на податоци што ги користеле. Apertus е развиен во согласност со швајцарските закони за заштита на податоци и авторски права, што го прави можеби една од подобрите опции за компании кои сакаат да се придржуваат кон европските регулативи. Швајцарската асоцијација на банкари претходно изјави дека домашниот LLM има „голем долгорочен потенцијал“, бидејќи може подобро да ги почитува строгите локални правила за заштита на податоци и банкарска тајна во Швајцарија. Во моментов, швајцарските банки веќе користат други AI модели за своите потреби, па останува да се види дали ќе преминат на Apertus.

Секој може да го користи новиот модел. Истражувачи, хобисти, па дури и компании се добредојдени да го користат и да го прилагодат на своите потреби. Може да се користи за креирање четботови, преведувачи, па дури и едукативни или алатки за обука.
Apertus е обучен на 15 трилиони токени на повеќе од 1.000 јазици, од кои 40 проценти од податоците се на јазици што не се англиски, вклучувајќи швајцарски германски и реторомански. Во соопштението на Швајцарија се наведува дека моделот е обучен исклучиво на јавно достапни податоци, а неговите пребарувачи ги почитувале барањата за исклучување од системи што можат да се читаат машински, кога наидувале на нив на веб-страници. Треба да се напомене дека компании што се занимаваат со вештачка интелигенција, како Perplexity, претходно биле обвинети за симнување содржини од веб-страници и заобиколување на протоколи наменети за блокирање на нивните пребарувачи. Некои AI-компании, пак, беа тужени од новински организации и креативци поради користење на нивна содржина за обука на моделите без дозвола.
Apertus моментално е достапен во две големини – со 8 милијарди и со 70 милијарди параметри. Достапен е преку Swisscom, швајцарската компанија за информатичка и комуникациска технологија, или преку Hugging Face.



