Dolby Vision 2 е унапредена верзија на популарниот HDR формат, а првите телевизори со DV2 технологија пристигнуваат наскоро.
Dolby го претстави Dolby Vision 2, новата генерација на својот HDR формат кој веќе со години е стандард кај најдобрите телевизори. Иако не станува збор за замена на постоечкиот формат, туку за еволуција, DV2 носи значајни подобрувања – од напредна обработка на сликата, преку подобро прилагодување на различни услови за гледање, до алатки кои им даваат на креаторите поголема контрола врз изгледот на содржината.
Ако веќе имате телевизор со Dolby Vision поддршка, нема потреба да се грижите – тој и понатаму ќе функционира нормално. Dolby Vision 2 се однесува на новите модели и на алатките што ги користат филмските и ТВ студија.
Нова технологија Content Intelligence
Главната новина во DV2 е таканаречената Content Intelligence – сет на алатки чија цел е филмовите, сериите и игрите да се прикажат што е можно поверно на замислата на авторот. Овој систем има три клучни компоненти:
- Precision Black – го ублажува проблемот со „премногу темна слика“, правејќи ги деталите појасни без нарушување на уметничката намера.
- Light Sense – користи сензор за амбиентално светло и податоци од самата содржина за автоматско прилагодување на осветленоста на екранот според условите во просторијата.
- Sports and Gaming Optimization – носи оптимизации специјално за спортски преноси и играње видеоигри.
Authentic Motion – креативна контрола на движењето
Најинтересната, но и потенцијално контроверзна новина е Authentic Motion – првата креативно управувана алатка за контрола на движењето во светот на HDR, пишува Cnet. За разлика од класичното „motion smoothing“, кое многумина корисници не го сакаат поради т.н. „soap opera“ ефект, овде режисерот или авторот може да одлучи кога и во која мера ќе се примени намалувањето на трзањето на сликата.
Тоа значи дека одредени сцени може да изгледаат пофлуидно ако креаторот така посакува, додека во други движењето ќе остане целосно природно. Важно е да се напомене дека оваа опција се активира само ако авторот на содржината ја избере и ако гледате на DV2-компатибилен телевизор.
Две верзии на Dolby Vision 2
Dolby Vision 2 ќе биде достапен во два верзии:
- Dolby Vision 2 Max – за премиум телевизори со дополнителни функции како Authentic Motion.
- Dolby Vision 2 (vanilla) – наменет за поширокиот пазар, но сепак со Content Intelligence системот и унапредениот „image engine“.
Кога пристигнува?
Првите телевизори со DV2 стандард се очекуваат од компанијата Hisense, која ќе го вгради во своите нови mini-LED модели. Другите производители ќе се приклучат, а пошироката понуда и деталите најверојатно ќе бидат претставени на саемот CES 2026 во јануари.