Иако производителите ги „китат“ своите флегшип модели со титан и не’рѓосувачки челик за поголема издржливост, Pixel 10 Pro XL го издржа тестот за свиткување и покрај тоа што користи алуминиумска рамка.
Најновиот флегшип на Google, Pixel 10 Pro XL, се најде на работната маса на Зак од каналот JerryRigEverything, што значи дека беше време за ригорозно тестирање полно со гребење, свиткување и чукање.
Бидејќи моделите од серијата Pixel 10 го поддржуваат Qi2 стандардот за безжично полнење и имаат магнети вградени на задната страна, Зак најпрво провери како тоа изгледа со филм за прикажување на магнетно поле. Видливо е дека магнетите се распоредени во форма на голем круг за прикачување на дополнителна опрема, а под нив има уште еден магнет за порамнување. Слично како кај iPhone.
Што се однесува до издржливоста, предната и задната страна на телефонот се заштитени со Corning Gorilla Glass Victus 2, што во пракса значи дека Pixel 10 Pro XL покажува гребнатини на ниво 6 од Мосовата скала на тврдост, додека подлабоки траги се забележуваат на ниво 7. Такви резултати речиси секогаш имаат и другите флегшип модели од оваа година.
![]()
Додека другите производители за рамките на своите најскапи модели користат не’рѓосувачки челик или титан, Google кај Pixel 10 Pro XL се одлучи за алуминиум, кој во основа е помалку тврд и цврст. Но, благодарение на паметниот дизајн, новиот Pixel го преживеа големиот тест за свиткување без поголеми оштетувања, со што ја докажа својата издржливост.
Целиот тест можете да го погледнете подолу.


