Пред неколку недели се појави информација дека сите нови модели на iPhone ќе поскапат, но изгледа дека сепак нема да биде така.
Apple на 9 септември ќе ја претстави новата генерација на iPhone, а како што се приближува датумот, сè повеќе информации за цените излегуваат во јавноста. Иако претходно се зборуваше дека ќе поскапат повеќе или помалку сите модели на новиот iPhone 17, новата анализа на JPMorgan наведува дека само еден модел ќе дојде со повисока цена.
Имено, според аналитичарите на JPMorgan, цената на iPhone 17 Pro ќе биде повисока за 100 долари во однос на претходникот, но Apple ќе се обиде да го „компензиpa“ тоа со удвојување на основната меморија од 128 на 256 GB. Со тоа, всушност цената на iPhone 17 Pro од 1.099 долари ќе се изедначи со цената на iPhone 16 Pro во истата мемориска конфигурација.
Понатаму, стандардниот iPhone 17 треба да ја задржи почетната цена од 799 долари, додека новиот iPhone 17 Air би можел да биде 899 долари. Интересно е што најскапиот модел, iPhone 17 Pro Max, нема да доживее никаква промена во цената. Тој ќе остане 1.199 долари за основната верзија со 256 GB простор за складирање.
Иако овие цени се наведени за американскиот пазар, во Европа традиционално се очекува повисок износ поради ДДВ, царини и валутни разлики. Во просек, цените на iPhone на европскиот пазар знаат да бидат од 20 до 30 проценти повисоки во споредба со САД.
На пример, ако iPhone 17 Pro навистина стартува со цена од 1.099 долари во САД, во Европа неговата почетна цена лесно би можела да достигне околу 1.350 евра. Со оглед на тоа, и стандардните модели како iPhone 17 и 17 Air би можеле во Европа да започнат со цени од приближно 950, односно 1.100 евра.
Точните цени ќе бидат познати по официјалното претставување на 9 септември, но европските купувачи речиси сигурно ќе платат забележлива „Apple премија“.