Garmin го претстави Fenix 8 Pro, првиот паметен часовник со сателитска и LTE поврзаност, SOS функција и microLED екран, само една недела пред Apple Watch Ultra 3.
Само неколку дена пред Apple да го претстави својот Apple Watch Ultra 3 со сателитска поврзаност, Garmin го лансира својот одговор – Fenix 8 Pro, првиот паметен часовник на компанијата кој нуди сателитска и LTE комуникација.
Garmin во Fenix 8 Pro ја вгради inReach технологијата, која веќе ја користи во своите рачни навигациски уреди. Благодарение на тоа, часовникот може да испраќа локација и текстуални пораки преку сателит со апликацијата Garmin Messenger. Кога е достапно LTE, часовникот нуди и дополнителни опции – телефонски повици, гласовни пораки од 30 секунди, временска прогноза и LiveTrack линкови за споделување локација во реално време.
За авантуристите и спортистите особено е важна SOS функцијата – во случај на итност, часовникот автоматски испраќа порака до центарот Garmin Response, кој потоа комуницира со корисникот, итните служби и контактите за помош. Компанијата истакнува дека нивниот Response тим досега учествувал во повеќе од 17.000 интервенции ширум 150 земји.
Хардверски, Fenix 8 Pro носи значајни унапредувања. Опремен е со microLED екран со осветленост од 4.500 нити, кој Garmin го нарекува „најсветлиот паметен часовник досега“. Покрај тоа, часовникот има копчиња отпорни на воден притисок, метална заштита на сензорите, како и LED светло за дополнителна практичност. Во полето на здравјето и фитнесот, тука се мерење на срцев ритам со ЕКГ функционалност, следење на спиење, дневни предлози за тренинг, endurance и hill скор, како и целосен пакет метрики за активен живот.

Часовникот пристигнува во две големини – 47mm и 51mm, и во две варијанти на екран. AMOLED верзијата почнува од 1.200 долари и нуди до 27 дена траење на батеријата, додека microLED моделот од 51mm чини 2.000 долари и обезбедува до 10 дена работа. Продажбата започнува на 8 септември, само еден ден пред Apple-овиот настан на кој ќе биде претставен Apple Watch Ultra 3.
Од Apple-овиот нов часовник исто така се очекува да има сателитска поврзаност, но за разлика од Garmin, Apple во моментов не наплатува за користење на сателитските услуги. Garmin, пак, користи претплата – inReach плановите започнуваат од 7,99 долари месечно, а дополнителните функции зависат од пакетот.
Со Fenix 8 Pro, Garmin не само што постави нов стандард во сегментот на outdoor паметни часовници, туку и стратешки го темпираше објавувањето за да фати дел од вниманието непосредно пред презентацијата на Apple.



