Adobe објави дека подоцна овој месец ќе издаде целосна верзија на својот популарен видео-editor Premiere за iPhone и iPad.
Апликацијата може однапред да се нарача во App Store, пред официјалното лансирање на 30 септември. Нејзиното користење е бесплатно, со можности за плаќање за cloud складирање и кредити за генеративна вештачка интелигенција (AI).
Adobe ветува дека новата Premiere апликација за iPhone и iPad ќе биде повеќе како Premiere Pro на Mac и PC. Апликацијата ќе овозможи „уредување на видео со професионален квалитет“, со клучни функции како мулти-трек временска линија со неограничен број на видео, аудио и текстуални слоеви, автоматски титлови со стилски поднаслови, поддршка за 4K HDR, можност за генерирање звучни ефекти и други содржини со помош на Adobe Firefly алатките за AI, и многу повеќе.

Во апликацијата, корисниците ќе можат директно да извезуваат видеа на TikTok, YouTube или Instagram со еден допир, или да ги испраќаат проектите во Premiere Pro.
Новата Premiere апликација ќе ја замени полесната Premiere Rush апликација за iPhone, која ќе биде отстранета од App Store на 30 септември. По таа дата, постоечките корисници ќе можат да продолжат да ја користат Premiere Rush на уредите каде што веќе е инсталирана, до целосно повлекување на апликацијата на 30 септември 2026 година.

Повеќе информации за новата апликација можете да најдете на веб-страницата на Adobe.
