Huawei во Кина го објави Mate XTs, својот втор Tri-fold смартфон кој донесува неколку помали подобрувања во однос на својот претходник.
Дизајнот е непроменет во споредба со моделот од минатата година, но она по што Mate XTs сепак се разликува е новата комбинација во виолетова и бела боја.
Mate XTs има 10,2-инчен склоплив LTPO OLED екран со 3K резолуција и освежување од 90Hz. Панелот има сооднос 16:11, што овозможува приказ на три стандардни апликации една до друга, а достигнува и врвна осветленост од 1.800 нита. Исто така, ја задржува поддршката за пенкалото од својот претходник.

Кога е во режим со два екрана, неговата големина изнесува 7,9 инчи, а кога е целосно преклопен, се намалува на 6,4 инчи за полесна употреба со една рака. Сè уште е извонредно тенок – само 3,8 мм кога е целосно расклопен и 12,8 мм кога е преклопен, со тежина од 298 грама.
Системот на камери доби надграден ултраширок сензор од 40 MP (13 мм), заедно со главниот сензор од 50 MP (24 мм) со променлив отвор на блендата од f/1.4 – f/4.0 и перископски сензор од 12 MP (125 мм), кои беа присутни и кај минатогодишниот модел.

Другата новина е Kirin 9020 чипсетот, кој го заменува Kirin 9010 од оригиналниот Mate XT. Станува збор за истиот процесор што ги придвижува моделите Pura 80Pro+ и 80 Ultra, а Huawei ветува 36% побрзи перформанси во споредба со Kirin 9010. Сите Mate XTs модели доаѓаат со 16 GB RAM и можат да се конфигурираат со до 1 TB простор за складирање.
На софтверската страна е HarmonyOS 5.1, а уредот е напојуван од батерија со капацитет од 5.600 mAh со поддршка за 66W жично, 50W безжично и 7,5W реверзибилно безжично полнење.

Huawei Mate XTs е достапен во црна, црвена, виолетова и бела боја. Верзијата со 16/256 GB чини 2.520 долари во Кина, моделот со 16/512 GB изнесува 2.800 долари, додека врвната верзија со 16 GB RAM и 1 TB интерна меморија чини 3.080 долари.
Испораките во Кина треба да започнат на 12 септември, а Huawei сè уште нема споделено детали за продажба на овој смартфон на меѓународниот пазар.


