Паметните телефони го губат вишокот камери: AI и 50 MP сензори го преземаат приматот
Пред само неколку години изгледаше како трката за бројот на камери е бесконечна: флегшип телефоните доаѓаа со четири или пет леќи, создавајќи впечаток на моќ и технолошка надмоќ. Сепак, како што се покажа, многу од тие камери имаа минимална практична вредност и служеа првенствено како маркетиншки трик.
Според најновото истражување на агенцијата Omdia, трендот целосно се преокрена. Во вториот квартал од 2025 година просечниот број камери на паметните телефони, вклучувајќи ги и предните и задните, паднал на 3,19, што е помалку во споредба со 3,37 во истиот период минатата година. Ова претставува 13-ти последователен квартал на пад. Ако се гледаат само задните камери, просекот е 2,18, додека во 2024 бил 2,37.
Помалку камери, но подобар квалитет – новата насока во мобилната индустрија
Најчест стандард денес се телефоните со две задни камери, кои сочинуваат 41% од пазарот, додека моделите со три заземаат 36%. Интересно е што и телефоните со една камера се вратија во игра, па сега сочинуваат 21% од вкупната испорака. Вистински пример е Apple iPhone 16e, а според гласините и претстојниот iPhone 17 Air ќе пристигне со само една главна камера.
Причината за овој пресврт лежи во поинаков пристап на индустријата: наместо да додаваат камери за секое можно сценарио, производителите вложуваат во напредни сензори и АИ алгоритми. Камерите од 50 MP станаа доминантни и сочинуваат дури 58% од вкупните испораки. Моделите со сензори од 100 MP и повеќе заземаат 9%, додека камерите под 15 MP речиси исчезнаа од пазарот – сега се само 12%, а пред пет години сочинуваа речиси половина од сите уреди.
Современата мобилна фотографија сè повеќе зависи од софтверска обработка и вештачка интелигенција. Функции како ноќен режим, кои порано бараа дополнителни леќи, денес се постигнуваат со помош на АИ алгоритми. Тоа значи дека телефоните со помалку камери можат да понудат поквалитетни фотографии и визуелно подобри резултати, отколку постарите модели со цел ред леќи.
Со други зборови, бројот на камери повеќе не е главниот показател за моќта на телефонот. Иднината на мобилната фотографија се гради врз посилни сензори и поинтелигентен софтвер.