Apple на денешниот медиумски настан ја претстави и новата серија паметни часовници – Apple Watch Ultra 3, Watch Series 11 и Watch SE 3 со нови функции и подобра батерија, како и новите безжични слушалки AirPods Pro 3.
Фокусот на новите паметни часовници беше на поголема издржливост, подобрени здравствени функции и интеграција со Apple Intelligence системот на услуги базирани на вештачка интелигенција.

Apple Watch Series 11
Новиот Apple Watch Series 11 на прв поглед го задржува препознатливиот дизајн, но доаѓа со неколку клучни подобрувања. Најголема новина е IonX стаклото, кое е двојно поотпорно на гребнатини во однос на претходната генерација Series 10. Иако споредбата со часовници кои користат сафирно стакло допрва ќе ја покаже реалната издржливост, Apple тврди дека ова е нивниот најиздржлив екран досега.
Друга важна новост е поддршката за 5G мрежи. Благодарение на тоа, Series 11 нуди подобро покривање на сигналот, а воедно е и поефикасен – троши помалку батерија при користење мобилна мрежа.

Apple Watch Series 11 е воедно и најтенкиот и најудобниот паметен часовник што компанијата досега го има произведено. Дополнително, носи и нов ексклузивен watch face наречен Flow, со Liquid Glass ефект, кој го нагласува елегантниот и модерен изглед на часовникот.
Од здравствени функции, новиот Apple Watch воведува можност за следење на хипертензија и висок крвен притисок. Apple ја опишува како „револуционерна функција која може да го предупреди корисникот на можност од хипертензија само со носење на часовникот“.

Системот работи во позадина и ги анализира податоците во континуиран период од 30 дена, при што може да препознае обрасци на хронично зголемен крвен притисок. Доколку ги забележи, го информира корисникот за потенцијален проблем. Apple овој пристап го опишува како „нов метод“, истакнувајќи дека е развиен врз основа на студии со над 100.000 учесници.
Сепак, од Apple напоменуваат дека функцијата нема да може да детектира сите случаи на хипертензија. Во моментов се чека одобрение од FDA и други регулаторни тела. Подобрено е и следењето на спиењето благодарение на 5 милиони собрани податоци, а додаден е и „sleep score“ – функција која ја оценува квалитетата на вашиот сон, нешто што другите паметни часовници веќе подолго време го нудат.

Батеријата е подобрена и сега нуди 24 часа автономија. Што се однесува до боите, часовникот ќе биде достапен во црна, сребрена, розе-златна и нова сива варијанта, изработена од 100% рециклиран алуминиум. За оние кои сакаат поелегантна варијанта, тука се и полирани изведби од титаниум. Цената изнесува 399 долари.
Apple Watch Ultra 3
Apple Watch Ultra 3 го задржува препознатливиот изглед. Најголемата промена е кај екранот – нов OLED со LTPO3 технологија, кој е посветол под агол, има потенки рамки и нуди најголема површина на екран досега кај Apple Watch. Екранот сега во Always-On режим ја освежува и секундната казаљка, што му дава попрецизен и по„жив“ приказ.

Ultra 3 носи и 5G поврзување, а новитет е и сателитската комуникација. Apple целосно го редизајнираше радиото и антената, со што е удвоена јачината на сигналот и е овозможена врска со сателити оддалечени и до 1.300 километри. Вградена е и функцијата Emergency SOS, која сега е достапна директно преку часовникот, без временски ограничувања.
Што се однесува до автономијата, Ultra 3 нуди до 42 часа траење на батеријата, повеќе од претходникот. Достапен е во црна и сребрена боја, со нови опции за ремени, а Trail Loop сега содржи и рефлектирачка нишка за подобра видливост при слаба светлина. Цената изнесува 799 долари.

Apple Watch SE 3
Apple го претстави и Apple Watch SE 3, кој носи најголем скок во можностите досега во оваа серија. Часовникот сега работи со S10 чип, а конечно доби и Always-On екран – една од најбараните функции од корисниците.
SE 3 исто така има сензор за температура на зглобот, кој овозможува попрецизни проценки на овулација и дополнителни увидi во виталните функции. Покрај тоа, часовникот може да открива знаци на апнеја во спиењето и да му даде на корисникот sleep score за подобар увид во квалитетот на одморот.

За мултимедија е додадена можност за репродукција на музика и подкасти преку вграден звучник, а батеријата нуди до 18 часа автономија. Благодарение на двојно побрзото полнење, SE 3 е уште поудобен за секојдневна употреба, а воедно е и поевтин од обичниот модел. Цената изнесува 249 долари.

