AI системот на Apple се соочува со регулаторни предизвици во Кина, но изгледа дека сепак ќе стигне на тој пазар до крајот на 2025 година. Клучна улога во тоа ќе имаат локалните технолошки гиганти Baidu и Alibaba.
Големиот пробив на Apple во светот на вештачката интелигенција наиде на регулаторни пречки во Кина, но решение се насетува. Според нов извештај што го пренесува Bloomberg, Apple Intelligence конечно би можел да дебитира на кинескиот пазар до крајот на 2025 година, најверојатно со ажурирањето iOS 26.1 или 26.2. Со тоа би завршиле месеци преговори и регулаторни натегања.
За разлика од пазарите во САД и Европа, Епл не може да го имплементира својот AI систем во Кина без одобрение од владата, што речиси секогаш подразбира соработка со домашни партнери. Претходни гласини укажуваа дека Епл преговара со компаниите Baidu и Alibaba, а најновите информации потврдуваат дека и двете ќе бидат вклучени во проектот. Baidu наводно ќе го обезбеди „мозокот“ на системот, слично како што ChatGPT на OpenAI стои зад некои од функциите на западните пазари. Од друга страна, Alibaba ќе биде задолжена за усогласување со регулативите, осигурувајќи дека Apple Intelligence ги исполнува строгите барања на Пекинг.
Оваа поделба на улоги совршено го илустрира деликатниот баланс што Apple мора да го постигне. Од една страна, компанијата мора да обезбеди Apple Intelligence да биде достапен глобално за да ја поттикне продажбата на претстојниот iPhone 17. Од друга страна, мора внимателно да се движи низ лавиринтот од кинески технолошки правила и политичка чувствителност. Дополнителна комплексност додаваат и американските власти, кои веќе изразија загриженост за ваквата блиска соработка на Епл со кинеските компании во областа на вештачката интелигенција.

Интерно, Епл наводно веќе го тестира Apple Intelligence со своите вработени во Кина, додека системот сè уште е недостапен за обичните корисници. Интересно е што дури и iPhone уреди купени во странство го губат пристапот до овие функции доколку на нив се користи Apple ID регистриран во Кина. Иако поедноставена кинеска верзија на системот беше објавена уште во април 2024 година, таа е достапна само за корисници надвор од копнената Кина.
За Епл, улозите се исклучително високи. Кина и понатаму е едно од неговите најголеми пазари, а без Apple Intelligence, iPhone 17 би можел да се појави без својата најрекламирана функција. Обезбедувањето на AI функциите за кинеските корисници, дури и во ограничена и локално управувана форма, е клучно за одржување на конкурентноста против домашните гиганти како Huawei, Oppo и други.



