Samsung ги подготвува Galaxy Glasses во соработка со компаниите Google и Qualcomm, како конкуренција на очилата Meta Ray-Bans. Официјалната најава се очекува на 29 септември.
Samsung, Google и Qualcomm со години работат на нова генерација носливи уреди базирани на Android XR платформата. Додека главниот фокус на јавноста е насочен кон Project Moohan хедсетот кој треба да конкурира на Apple Vision Pro, изгледа дека компанијата подготвува уште еден производ: паметни очила под името Galaxy Glasses.
Корејските медиуми откриваат дека тие ќе бидат официјално претставени на 29 септември на Samsung Unpacked настанот во Сеул. За разлика од XR хедсетот, овие очила ќе бидат аудио-ориентирани и замислени како директен ривал на уредите Meta Ray-Bans. Нивната предност би можела да биде во тоа што ќе го користат Google Gemini како AI поддршка, за разлика од Meta моделите кои се потпираат на ограничените Llama системи.

Galaxy Glasses – одговорот на Samsung на Meta Ray-Ban oчилата
Samsung веќе дискретно го најави доаѓањето на овој уред. За време на Galaxy настанот на 4 септември, потпретседателот Jay Kim истакна дека компанијата работи на целосно нови производи кои ќе им овозможат на корисниците уреди способни да го разбираат контекстот и да делуваат во позадина, без постојано да бараат внимание. Описот совршено се вклопува во концептот на паметни очила кои би станале дел од секојдневниот живот.
Доколку најавата навистина пристигне кон крајот на септември, останува прашањето кога Galaxy Glasses ќе бидат достапни за продажба. Сепак, јасно е дека Samsung смета овој нов уред да придонесе за раст на Galaxy AI екосистемот, кој веќе е присутен на над 200 милиони уреди ширум светот, а целта е тој број да се удвои до крајот на годината.
Сè укажува дека Samsung наскоро ќе отвори ново поглавје во битката за доминација во сегментот на паметни очила, нудејќи директен одговор на Meta Ray-Bans, но со силна поддршка од Google и Qualcomm, пренесува ZDNET.


