Астронаутите кои се наоѓаат на Меѓународната вселенска станица, снимија извонредни фотографии од целосното затемнување на Месечината за време на изминатиот викенд.
Затемнувањето се случи во ноќта од недела кон понеделник (7 кон 8 септември), беше видливо од поголемиот дел на источната хемисфера и воодушеви многумина ширум западна Австралија, Азија, Африка и Европа.
Беше видливо и од 400 километри над Земјата, што е просечната висина на која се наоѓа МСС, а астронаутите не мораа да се грижат за облаците кои го попречуваа погледот на оние на Земјата. Сепак, се соочија со друг проблем, објасни Зена Кардман од американската вселенска агенција NASA.
„Предизвик е да се фати Месечината овде горе, немаме прозорци свртени кон небото, па можеме да ја видиме само неколку минути меѓу нејзиното изгревање и заоѓање, пред да исчезне над МСС или под хоризонтот. Имаше и дополнителен предизвик, а тоа е справувањето со светлината под низок агол, која се одбива од повеќеслојното стакло на куполата“, напиша Кардман во својата објава на социјалната мрежа X во понеделник.
Сепак, таа успешно го сними затемнувањето, како и нејзините колеги од Меѓународната вселенска станица (МСС), Џони Ким од НАСА и Кимија Јуи од Јапонската агенција за истражување на вселената (JAXA). Сите тројца во понеделник споделија фотографии од затемнувањето на X.
„Имавме само кратки временски рамки да ја забележиме Месечината пред да ја заклонат делови од вселенската станица“, напиша Ким во својата објава, која содржеше четири фотографии од затемнувањето.
Една од фотографиите на Јуи го демонстрираше ефектот „крвав месец“ при целосното затемнување на Месечината, прикажувајќи го најблискиот сосед на Земјата во бакарен сјај.
Ова е резултат на тоа што Земјината атмосфера апсорбира релативно кратки бранови должини на светлината, пропуштајќи само црвенкасти нијанси од подолгите бранови должини да ја обојат површината на Месечината.
Јуи и Кардман, заедно со астронаутот на НАСА Мајк Финке и рускиот космонаут Олег Платонов, пристигнаа на Меѓународната вселенска станица (МСС) на 2 август во рамки на мисијата Crew-11 на SpaceX. Ким и космонаутите Сергеј Рижиков и Алексеј Зубрицки се вратија дома во април со руското вселенско летало „Сојуз“.