За разлика од премиум пристапот на Samsung и Apple, Nubia Air на пазарот пристигнува по цена од 250 евра.
Во последната деценија мобилните телефони растеа во сите димензии, но 2025 година носи промена во спротивен правец – кон тенкост и леснотија. Samsung веќе го претстави својот ултра тенок адут, Galaxy S25 Edge, а многу брзо тоа ќе го стори и Apple со iPhone 17 Air. На тој список сега се приклучува и кинескиот ZTE со Nubia Air – модел кој нуди евтин влез во сегментот на ултра тенки мобилни телефони.
Nubia Air на најтенкото место има дебелина од 5,9 mm и тежина од 172 грама, што е за 0,1 mm подебело од Samsung Galaxy S25 Edge и за 9 грама потешко. Изненадувачки е тоа што, и покрај релативно чувствителната конструкција, Nubia Air има IP68 и IP69K сертификати, што значи отпорност не само на прав и потопување во вода, туку и на млазови со висок притисок.
На предната страна е сместен 6,78-инчен AMOLED екран со FHD+ резолуција и стапка на освежување од 120 Hz, со импресивна осветленост од 4.500 нити. Од гребнатини и пукање го штити Corning Gorilla Glass 7i. Сето ова го придвижува Unisoc T8300 SoC, во комбинација со 8 GB RAM и 256 GB меморија. Иако тоа не е на нивото на поскапите решенија од Qualcomm и MediaTek, јасно е дека Nubia Air целосно е насочен кон понискиот сегмент.
Што се однесува до камерите, тука е главниот 50-мегапикселен сензор со OIS, плус 2-мегапикселен сензор за длабочина и дополнителна, практично бескорисна леќа што служи како маркетиншки трик за да изгледа дека телефонот има три камери. Напред се наоѓа 20-мегапикселна селфи камера, доволна за видео повици.
Иако ултра тенките телефони обично имаат батерии со мал капацитет и слаба автономија, Nubia Air доаѓа со батерија од 5.000 mAh и поддршка за 33-ватно полнење. Тоа значи дека овој телефон без проблем ќе издржи еден ден користење и кај поактивни корисници – нешто што кај Galaxy S25 Edge не е возможно.
Nubia Air ќе може да се купи на европскиот пазар по цена од 250 евра.