По купувањето на спектар вреден 17 милијарди долари од EchoStar, Елон Маск открива планови Starlink да ги комбинира домашниот интернет и мобилните услуги, па дури и идеја за купување на Verizon.
Само еден ден откако SpaceX купи безжичен спектар во вредност од 17 милијарди долари од телекомуникациската компанија EchoStar, Илон Маск на свој препознатлив начин изнесе смела визија: Starlink еден ден би можел да стане единствениот извор на интернет конекција – било дома или во движење.
Говорејќи во подкастот All-In, Маск нагласи дека целта е да се комбинира Starlink домашниот интернет со мобилните услуги, иако призна дека SpaceX нема наскоро да ги истисне AT&T, T-Mobile и Verizon, кои сè уште располагаат со далеку повеќе спектар за класична мобилна комуникација. Сепак, кога му беше предложено дека купувањето на Verizon би можело да биде начин да се надмине тој јаз, Маск одговори:
„Не е исклучено. Претпоставувам дека тоа може да се случи.“
Новиот спектар ќе овозможи користење на Starlink сателитите како „базни станици во вселената“, со директно испраќање податоци до мобилните телефони. Од вкупно 8.140 SpaceX сателити во орбита, 657 веќе ја поддржуваат direct-to-cell технологијата, додека останатите опслужуваат постоечки Starlink интернет услуги.

Screenshot
Сепак, за телефоните да можат да ги користат EchoStar фреквенциите, потребна е вградба на нови чипсети, што, според проценките на Маск, би можело да потрае околу две години.
Индустриските аналитичари веруваат дека со ова Starlink ќе ја надополни работата на големите оператори, нудејќи поврзување дури и во најоддалечените региони. Веќе во јули, SpaceX и T-Mobile ја лансираа услугата T-Satellite, која им овозможува на корисниците да испраќаат SMS пораки преку сателит, а наскоро и да користат податоци во апликации како WhatsApp, X или AccuWeather.
Купувањето на EchoStar спектарот би можело значително да го забрза развојот на директната сателитска конекција кон телефоните, иако имплементацијата ќе бара време и прилагодување на хардверот.
Како што тврди Маск, ова е „долгорочна работа“, но една што би можела целосно да го промени начинот на кој размислуваме за мобилната и сателитската комуникација, пренесува CNET.



