BMW го отфрла CarPlay Ultra со тврдења дека нивниот iDrive систем нуди повеќе можности, иако анкетите на возачите покажуваат спротивно.
CarPlay Ultra, унапредена верзија на Apple системот, официјално беше лансирана на почетокот на годината, но BMW сè уште одбива да го поддржи. На неодамнешен прес-настан, потпретседателот на BMW за UI/UX развој, Штефан Дураш, изнесе став дека CarPlay Ultra не носи ништо посебно ново ниту возбудливо.
Дураш нагласи дека BMW има специфични екрани и прилагоден распоред кои, според него, нудат повеќе можности од CarPlay Ultra. Тој посебно ги истакна функциите како Panoramic Display приказот, персонализираните виџети, предвидувачките рутини и длабоката интеграција со функциите на возилото — решенија кои, како што тврди, Apple не може целосно да ги понуди.
Популарноста на CarPlay според BMW е под знак прашалник
Сепак, многумина посочуваат дека овие функции се многу слични на веќе постоечките опции во CarPlay Ultra, додека бројни истражувања, вклучувајќи ги анкетите на J.D. Power, потврдуваат дека возачите сè уште го оценуваат CarPlay како најдоброто мултимедијално решение.
Уште едно спорно мислење што го изнесе Дураш е дека возачите всушност не го користат CarPlay толку често колку што се мисли. Ова тврдење наводно е засновано на интерни податоци на BMW за однесувањето на возачите во автомобилите.

Сепак, реалноста покажува дека CarPlay ужива огромна популарност меѓу корисниците токму поради едноставноста и поврзаноста со Apple екосистемот. Поради тоа, засега изгледа дека сопствениците на BMW возила не треба да очекуваат воведување на поддршка за CarPlay Ultra, барем не во блиска иднина.



