Xiaomi официјално го потврди датумот на претставување на новите паметни телефони 15T и 15T Pro.
Долгоочекуваните модели премиерно ќе бидат прикажани на 24 септември на настан во Минхен, во исто време кога се одржува и светски познатиот Октоберфест.
Компанијата ја сподели најавата преку својот официјален профил на мрежата X, со слоганот „Far closer“, што поттикна шпекулации дека 15T Pro ќе донесе напредни можности за зумирање на камерата, а сè беше потврдено и со објава на фотографија која асоцира на Октоберфест.

Серијата T во портфолиото на Xiaomi се позиционира како таканаречен „flagship killer“, а за разлика од многу уреди со таа етикета, нуди и сериозни камери развиени во соработка, повторно, со брендот Leica.
Се очекува Xiaomi 15T да има MediaTek Dimensity 8400 чипсет, додека 15T Pro би можел да добие помоќен Dimensity 9400 или 9400+.
Официјалните спецификации ќе бидат познати на 24 септември, кога Xiaomi и формално ќе ги претстави своите нови уреди, за што ќе ве известуваме од Минхен.


