По лансирањето на lossless стримингот за претплатниците, Spotify носи нови функции и за бесплатните корисници, овозможувајќи им да избираат и пуштаат песни, како и директно да ги активираат преку социјалните мрежи.
Spotify ги проширува можностите на својата бесплатна услуга. Компанијата најави дека корисниците кои не плаќаат претплата, сега можат да пребаруваат и пуштаат која било песна, како и да репродуцираат нумери што некој им ги споделил преку социјалните мрежи.
Новите функции ги носат имињата „Pick & Play“, „Search & Play“ и „Share & Play“. Првата им овозможува на корисниците едноставно да ја најдат и пуштат посакуваната песна во апликацијата, додека втората подразбира репродукција на песна која ја нашле преку пребарување. Функцијата „Share & Play“ поттикнува поврзување со социјалните мрежи, како Instagram, каде Spotify нумерите можат да се споделуваат во Story објави или во Notes пораки.
Досега, бесплатните корисници имаа ограничен пристап до музика, со shuffle режим и мал број прескокнувања на песни. Сега ќе добијат поголема слобода, но и понатаму со ограничувања. Spotify потврди дека мобилните корисници ќе имаат одредено количество „on-demand време“ дневно, по што ќе се враќаат на ограничен број прескокнувања на час. Компанијата не откри точна граница, но претплатниците нема да имаат вакви ограничувања.

Додавањето на новите опции доаѓа во момент кога Spotify се обидува да го унапреди својот огласен бизнис, кој сочинува само 11% од вкупните приходи, додека целта е 20%. Поголемата ангажираност на бесплатните корисници значи и повеќе можности за пласирање реклами.
Premium функциите како lossless звук, AI плејлисти и Mix опции остануваат ексклузивни за претплатниците, додека функциите како Messages и персонализираната „daylist“ плејлиста ќе останат достапни за сите.
Според последните податоци, од 696 милиони активни корисници месечно, дури 433 милиони ја користат бесплатната верзија на Spotify, додека 276 милиони се претплатници. Новиот потег јасно покажува дека компанијата сака дополнително да ја зголеми ангажираноста токму кај најголемиот дел од својата база – бесплатните корисници, пренесува TechCrunch.
