Бројот на егзопланети што ги пронашла американската вселенска агенција NASA достигна 6.000, а ова е постигнато по само триесетина години истражување на светови надвор од нашиот Сончев систем.
Пред само три години, оваа бројка изнесуваше 5.000. Барем номинално, стапката на откривање изгледа експоненцијална, што е секако добро, бидејќи теоретски би требало да постојат уште милијарди светови што може да се пронајдат.
„Влегуваме во следното големо поглавје на истражувањето, а тоа се светови надвор од нашата имагинација. Бараме планети кои би можеле да поддржуваат живот, нашите космички соседи. Универзумот сè уште има светови кои чекаат да бидат пронајдени“, се наведува во видеото на НАСА.
Веста беше објавена во средата на 17 септември, што речиси се поклопува со годишнината кога научниците го потврдија постоењето на првата егзопланета околу ѕвезда слична на Сонцето, а тоа е 51 Пегази b. Откриена на 6 октомври 1995 година благодарение на астрономите Мишел Мајор и Дидиер Кело, 51 Пегази b е гасен џин 0,64 пати помасивен од Јупитер, кој се наоѓа на околу 50 светлосни години од Земјата. Поточно, првото откритие на егзопланета се случи во 1992 година, но тоа беше околу ротирачка неутронска ѕвезда, или пулсар. А пулсарите се прилично необични. Затоа 51 Пегази b беше првата „понормална“ егзопланета што беше идентификувана. Но, по 6.000 откриени планети, крајот не се наѕира.
„Потврдените планети ги додаваат научници од целиот свет континуирано, така што ниту една планета не се смета за точно 6.000. внес. Постојат повеќе од 8.000 кандидат-планети кои чекаат потврда“, се наведува во соопштението на агенцијата.

Всушност, во моментот на пишување на статијата, технички сме на 6.007 егзопланети во списокот на НАСА за вонземјански светови. „Новото откритие“, кое го претстави НАСА, е KMT-2023-BLG-1896L b, свет сличен на Нептун со маса околу 16,35 пати поголема од Земјината. НАСА е заслужна за најголемиот дел од откриените егзопланети, имајќи предвид дека нејзиниот TESS (Транзитен сателит за истражување на егзопланети) открил 693, а сега пензионираниот вселенски телескоп Кеплер пронајде повеќе од 2.600.
Секој член од тој клуб од 6.007 членови претставува цел свет споредлив со планетите од нашиот Сончев систем, кои научниците ги проучуваат со векови. Во тој број постојат 2.035 светови слични на Нептун, што се однесува на егзопланети со слични големини како Нептун и Уран во нашиот систем. Според НАСА, тие обично имаат „атмосфери во кои доминираат водород и хелиум со јадра од карпи и потешки елементи“. Сепак, треба да се нагласи дека „метали“ не мора нужно да значи метални елементи. Тоа е малку збунувачки, бидејќи во астрономијата тоа се однесува само на елементи потешки од водород и хелиум.
Во овој случај постојат 1.984 гасни џинови и 1.761 супер-Земја, а втората група не треба да се меша со кандидати за Земја 2.0. Супер-Земјите се егзопланети кои се малку поголеми од Земјата, но сепак полесни од планети како Нептун и Уран.
Бројот на егзопланети на НАСА дополнително вклучува 700 „земјоподобни планети“ или карпести светови, но и седум „непознати“ типови.
„Секој од различните видови планети што ги откриваме ни дава информации за условите под кои планетите можат да се формираат и, на крај, колку се чести планети како Земјата и каде би требало да ги бараме. Ако сакаме да дознаеме дали сме сами во универзумот, сето ова знаење е неопходно“, изјави Дон Џелино, шефица на НАСА-иниот Програм за истражување на егзопланети, кој се наоѓа во Лабораторијата за млазни погони во Јужна Калифорнија.
Сепак, во видеото на агенцијата се споменува егзистенцијалниот аспект на ловот по егзопланети:
„Постои една што не сме ја пронашле – планета баш како нашата. Барем не уште“, се наведува.


