Станува збор за една од најпознатите апликации на iOS, која има за цел да помогне во намалувањето на времето поминато на смартфоните и развивање подобри дигитални навики, а која веќе некое време е достапна и на Android смартфоните
Opal е апликација за сите оние кои сакаат да спречат прекумерно користење на паметните телефони и на тој начин да создадат поздрави дигитални навики – и тоа без потреба целосно да се исклучат од онлајн светот. Во суштина, овозможува поставување правила и ограничувања за користење на апликации, блокирање пристап до одредени содржини, како и следење на навиките во користењето на паметниот телефон.

Концепциски гледано, филозофијата на апликацијата не се темели исклучиво на ограничувања, туку на поставување јасни цели. Откако ќе се направи тоа и ќе заврши почетното подесување (потребно е и отворање корисничка сметка), можно е да се активираат периоди наменети за работа и продуктивност (Focus Session), за време на кои пристапот до дефинираните апликации ќе биде блокиран.
Практично е тоа што блокирањето на апликациите може да се закаже однапред според распоред и така да се испланира денот, а интересно е и што може да се поканат пријатели и членови на семејството, кои потоа меѓусебно ќе се мотивираат и одговорно ќе се придржуваат до поставените цели (намалено користење на паметниот телефон).

Интерфејсот на апликацијата е уреден и минималистички, а тука се и бројни други детали и можности како што е опцијата Deep Focus, која нуди максимално ниво на блокирање, потоа добро осмислен преглед на активностите и статистички податоци, како и многу други функции. Основното издание е бесплатно, но со ограничени можности, додека за сè што Opal може да понуди потребно е да се плати претплата која чини околу сто долари годишно.


