iPhone 17 Pro носи поголема отпорност на падови, но лесно се гребе и ја губи бојата на рамките. Ако го цените изгледот, маската е задолжителна.
Apple официјално ја пушти во продажба новата генерација од серијата iPhone 17 Pro, но веќе првиот ден се појавија критики од корисниците дека уредот не е доволно отпорен на гребнатини. На социјалните мрежи се појавија фотографии од продавници на кои изложените примероци имаат видливи траги од користење, а особено проблематична се покажа темносината варијанта, поради која некои коментираа дека им „моментално спласнало воодушевувањето“.
За разлика од претходната генерација, кај iPhone 17 Pro Apple употребил алуминиумска рамка во комбинација со заден панел од втора генерација на керамички штит и подобрено стакло на предната страна.
iPhone 17 Pro е поиздржлив при пад, но гребнатините му создаваат проблем
Компанијата тврди дека отпорноста на задниот панел на пукање е четири пати поголема, а заштитата на екранот од гребнатини е три пати подобра од претходно. Сепак, практичните тестирања покажуваат дека, иако телефонот е значително поотпорен на падови, и понатаму лесно собира ситни гребнатини и траги.
Популарниот YouTube канал Apple Track спроведе детално „crash“ тестирање на моделот iPhone 17 Pro. Телефонот издржа повеќе падови без никакви последици на задниот панел, сè до висина од околу шест метри, кога се појавија сериозни пукнатини. За споредба, iPhone 16 Pro на истата висина би бил целосно уништен.
Особено импресивен резултат се однесува на екранот. За време на целиот тест, без разлика на висината на падот, дисплејот остана неоштетен и покажа неочекувана издржливост. Сепак, алуминиумската рамка се покажа како слаба точка, бидејќи при удари лесно доаѓа до вдлабнатини и лупење на бојата.
Заклучокот е дека преминот од титаниум на алуминиум кај iPhone 17 Pro не е нужно чекор наназад, туку дека уредот станал по-практичен и поотпорен на падови. Но, најголем недостаток и понатаму останува неговата чувствителност на гребнатини и естетски оштетувања. Затоа препораката е јасна: ако сакате вашиот iPhone 17 Pro да изгледа како нов, избегнувајте користење „на голо“ и задолжително заштитете го со маска.