Европската комисија се подготвува да ги укине правилата кои го затрупаа интернетот со скокачки прозорци за согласност за колачиња. Целта е да се поедностави регулативата и да се намали бирократијата.
Европската комисија планира во декември да го претстави таканаречениот „омнибус“ предлог-закон со кој би се укинала или значително изменила Директивата за е-приватност од 2009 година. Тој пропис пред 16 години ја воведе обврската интернет-страниците да бараат согласност од корисниците за складирање колачиња, освен оние строго неопходни за обезбедување на услугата. Како што веројатно и самите знаете, резултат на тоа станаа сеопфатните скокачки прозорци кои вообичаено се кликаат без многу размислување.
„Преголемата согласност всушност ја убива самата цел на согласноста. Луѓето се навикнуваат да даваат согласност за сè и престануваат детално да читаат, а ако согласноста стане стандарден постапок за сè, корисниците повеќе не ја доживуваат на ист начин,“ изјави за Politico Питер Крадок, адвокат за податоци од компанијата Keller and Heckman.
Комисијата веќе одржа состанок со претставници од индустријата на кој се дискутираше за иднината на колачињата и скокачките прозорци за согласност. Според белешка испратена до учесниците на фокус-групата на 15 септември, во план е правилата да се изменат така што корисниците ќе можат да ги постават своите преференции еднаш, на пример во поставките на прелистувачот, наместо да ги потврдуваат секој пат одново.

Слични идеи веќе доаѓаат и од земјите членки. Данска, која моментално претседава со Советот на Европската унија, во мај предложи укинување на задолжителната согласност за колачиња кои собираат податоци „за технички неопходни функции“ или „едноставна статистика“, нагласувајќи дека таквите колачиња се „безопасни“, за разлика од оние што служат за маркетинг и огласување.
Индустријата пак предлага регулацијата за колачињата да се префрли во рамките на Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR), која се заснова на нешто пофлексибилен пристап. Но, здруженијата за заштита на приватноста стравуваат дека под изговор на „неопходни колачиња“ би можело да се прошири следењето на корисниците и персонализацијата на рекламите.
Инаку, обидите за реформа на правилата за колачиња траат со години. Комисијата уште во 2017 година предложи Уредба за е-приватност со која требаше да се модернизираат постојните прописи, но предлогот беше повлечен во февруари годинава бидејќи институциите на ЕУ не успеаја да постигнат компромис. Повлекувањето беше претставено како дел од планот за дерегулација на претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.


