Од ноември 2025 година, LinkedIn ќе почне да ги користи корисничките профили, објави и биографии за тренирање на своите модели на вештачка интелигенција.
LinkedIn најави голема промена во начинот на кој ги користи податоците на своите членови. Како што пренесува TechRadar, од 3 ноември 2025 година, вашите профили, објави, биографии и јавни активности ќе станат дел од материјалите за тренирање на нивните модели на вештачка интелигенција. Она што предизвика фрустрации кај корисниците не е самата одлука тоа да се случи, туку фактот што опцијата е автоматски вклучена за сите, барајќи од корисниците активно да ја исклучат.
Но, главниот проблем лежи во пристапот „opt-out“. Корисниците можат да ја исклучат оваа опција во поставките за приватност, но таа одлука ќе важи само за податоците собрани по исклучувањето. Сите податоци собрани до тој момент ќе останат дел од околината за тренирање на АИ моделите.
LinkedIn инаку не е единствената социјална мрежа што се одлучи на ваков чекор. Meta уште во септември 2024 година најави дека ќе почне да ги користи податоците од Facebook и Instagram за истата цел. По привремена пауза поради жалби од регулаторите, тие продолжија со тренирање на моделите на кориснички податоци, но со појасни и потранспарентни опции за исклучување.
Овој потег на LinkedIn, заедно со сличните иницијативи на другите технолошки гиганти, јасно покажува во кој правец се движи индустријата. Додека моделите на вештачка интелигенција стануваат сè понапредни, податоците на корисниците стануваат највредната валута. Затоа е клучно корисниците да бидат свесни како се користат нивните податоци и активно да управуваат со своите поставки за приватност.