Постојат многу причини зошто на некои апликации би им се ограничил или оневозможил пристапот до интернет на паметен телефон, а ова е апликација која токму тоа го овозможува. Една од нејзините предности е секако и фактот што не бара рутирање на телефонот за да функционира…
Net Blocker е своевиден личен заштитен ѕид (firewall) за Android паметни телефони кој овозможува многу едноставно да се одреди која апликација ќе има пристап до интернет, а на која тој пристап ќе ѝ биде ускратен. Предност е што не е потребно телефонот да биде рутиран за апликацијата да работи (се потпира на локален VPN), а притоа нуди и некои понапредни можности кои обично се гледаат кај пософистицирани апликации од овој тип.
Самата апликација е навистина едноставна за користење, а откако ќе се инсталира и активира локалниот VPN кој е потребен за да може да ја врши својата функција, и ќе се дадат соодветни дозволи, во списокот на сите инсталирани апликации распореден по основни категории, до онаа на која сакаме да ѝ го блокираме пристапот до интернет, доволно е само да се кликне на соодветната икона.

Притоа е згодно тоа што постои можност блокирањето на пристапот да биде само преку Wi-Fi мрежа, преку мобилни податоци или целосно (за оваа опција потребно е дополнително плаќање). Достапни се и други можности, како опцијата автоматско блокирање на интернет пристапот според зададен распоред или дефинирање на количината интернет сообраќај што е достапна за секоја апликација поединечно.
Апликацијата во суштина коректно ја извршува својата функција, но може да ѝ се замери прилично необично осмислениот модел на наплата. Од една страна се поттикнуваат донации кои може да достигнат и до 234,99 евра еднократно или до 7,30 евра месечно, а од друга страна за отстранување на реклами на 30 дена мора да се плати 4,78 евра или за дополнителната можност за блокирање пристап по тип на мрежа мора да се плати 3,19 евра.

Од друга страна, можно е да се погледне една реклама за да се сокријат другите на 12 часа, а истото важи и за функциите за кои е потребно плаќање; со гледање на реклама периодот може да се продолжи на 60 минути. Ако тоа се стави на страна, Net Blocker сосема добро ќе послужи за едноставно блокирање на интернет пристапот на апликациите.


