Откако се појавија тврдења за проблемот „scratchgate“ и ранливоста на алуминиумското куќиште на iPhone 17 Pro, Apple го објасни потеклото на трагите и истакна дека станува збор за нормално абење, а не фабрички дефект.
Како и секоја нова премиера на Apple iPhone, така и лансирањето на iPhone 17 Pro не помина без контроверзи. Додека поевтиниот iPhone Air ги помина сите тестови на издржливост без проблеми, кај Pro моделот корисниците забележаа одредени траги на алуминиумското куќиште.
Првите забелешки се појавија уште на денот на лансирањето, кога Bloomberg објави дека на демонстративните уреди во Apple продавниците биле забележани траги околу позицијата на MagSafe.
Тоа брзо ја поттикна приказната за „scratchgate“ проблемот. Apple, сепак, објаснува дека не станува збор за гребнатини, туку за пренос на материјал од истрошените MagSafe сталажи, што лесно се отстранува со чистење. Компанијата наведува дека веќе работи на решавање на проблемот во малопродажбата, што подразбира замена на истрошените сталажи. Apple додава дека и други модели, како iPhone 16, се погодени од овој феномен.
Од друга страна, познатиот YouTuber JerryRigEverything ја тестираше издржливоста на iPhone 17 Pro и укажа на ранливоста на рабовите околу издигнатиот дел од камерата. Според неговите зборови, недостатокот на дополнителна заштита во вид на закосување или заоблување на рабовите ги прави особено подложни на гребнатини.
Apple на тоа одговара дека рабовите на камерите имаат исти карактеристики како алуминиумските делови на другите уреди, како MacBook компјутерите и претходните iPhone модели. Компанијата нагласува дека рабовите поминале ригорозни внатрешни тестирања, но дека корисниците и понатаму можат да очекуваат нормално абење со текот на времето, вклучувајќи и помали гребнатини.
Apple, значи, не гледа во тоа сериозен проблем, туку природна последица од секојдневната употреба, пренесува 9to5Mac.