Во својот одговор до регулаторите на ЕУ, Apple истакнува дека Digital Markets Act (DMA) го забавува развојот и доведува до одложување на нови функции како iPhone Mirroring и AirPods Live Translation, со можност во иднина да биде погоден и хардверот.
Европската унија моментно спроведува консултации за ефектите од законот Digital Markets Act (DMA), антимонополска регулатива која го принуди Apple да го отвори iOS за алтернативни продавници на апликации. Во својот официјален одговор, Apple предупредува дека DMA не им носи повеќе избор на корисниците, туку напротив: ги одложува клучните функции и може долгорочно да го загрози корисничкото искуство со Apple уредите во ЕУ.
Компанијата наведува дека сè уште не успеала да ги понуди функциите iPhone Mirroring и AirPods Live Translation во европските земји. Според Apple, причината не се технички пречки, туку барањето истите можности да бидат достапни и на хардверот на други компании. Во случајот со AirPods, предизвикот е да се задржи приватноста на разговорите, бидејќи системот за превод функционира директно на уредот без испраќање на податоци до Apple.

Кај iPhone Mirroring, проблемот е како да се овозможи безбедно функционирање на уреди кои не се производ на Apple, без да се загрози интегритетот на податоците на телефонот.
Слична ситуација се случи и со Apple Maps, каде функциите Visited Places и Preferred Routes беа одложени бидејќи бараат локално складирање на податоци. Apple тврди дека моментално не постои начин овие информации безбедно да се споделат со други програмерски куќи без да се загрози приватноста на корисниците.
До сега, ниту еден хардверски производ не морал да биде одложен во ЕУ, но Apple признава дека во иднина тоа не може целосно да го исклучи, со оглед на сè построгото толкување на законот.

Во своето обраќање до регулаторите, Apple тврди дека DMA има контраефект:
-
Помалку избор – корисниците во ЕУ го губат пристапот до нови функции достапни ширум светот.
-
Помалку разлики – iOS сè повеќе личи на Android, што ја намалува уникатноста на корисничкото искуство.
-
Нелојална конкуренција – Apple истакнува дека правилата се применуваат исклучиво на него, додека конкуренти како Samsung и кинеските производители се изземени.
Заклучокот на Apple е дека DMA во моменталната форма не функционира и мора сериозно да се ревидира или целосно повлече, пренесува 9to5Mac.


