YouTube додава копче за сокривање на завршните екрани, додека ја укинува опцијата „hover-to-subscribe“ за поедноставно искуство при гледање
Многу корисници на YouTube со години се жалеа дека завршните екрани ги расипуваат последните моменти од видеото. Тие своеобразни слоеви со препораки за видеа или линкови кон канали често го прекриваат завршниот кадар кој гледачите сакаат да го видат до крај. Сега YouTube воведува ново копче кое овозможува едноставно да ги отстраните кога ќе се појават.
Новото копче „Hide“ се наоѓа во горниот десен агол на екранот штом ќе се појави споменатиот завршен слој. Со еден допир се отстрануваат сите тие елементи и се овозможува гледање на завршетокот без пречки. Ако посакате да ги вратите, доволно е да притиснете „Show“. Сепак, функцијата важи само за тоа видео и секој пат повторно мора да ги сокриете завршните екрани ако сакате чист приказ.

Оваа промена доаѓа по бројните поплаки дека завршните екрани го нарушуваат фокусот и го расипуваат доживувањето на содржината. Интересно е што YouTube во своите тестирања открил дека можноста за сокривање има минимално влијание врз ангажманот на публиката – изгубени биле помалку од 1,5% кликови на завршните екрани кога копчето било достапно.
YouTube ја укинува „hover-to-subscribe“ опцијата
Покрај тоа, YouTube го укинува и копчето за претплата кое се појавуваше кога курсорот ќе поминеше преку водениот жиг на каналот во десктоп верзијата. Компанијата наведува дека таа опција внесувала непотребен неред и донесувала помалку од 0,05% од сите претплати. Со отстранување на овој елемент, YouTube сака да го направи искуството при гледање поедноставно, додека фокусот ќе биде префрлен на поефикасни начини за ангажирање на гледачите.
Креаторите и понатаму можат да користат завршни екрани и брендирање во своите видеа, а гледачите имаат можност да ги затворат или отворат по желба. Суштинската промена е дека сега никој не е приморан да ги трпи.
Копчето за сокривање на завршните екрани веќе се воведува глобално и е достапно за голем број корисници. Иако сè уште не постои трајна опција за целосно исклучување, оваа промена покажува дека YouTube ја слуша заедницата и им дава на корисниците поголема контрола над содржината што ја гледаат, пренесува Android Police.


