Истражување спроведено на примерок од дури 15.000 телефони го открива брендот со најниска стапка на дефекти. Изненадувањето е на врвот на листата.
Како што растат цените на паметните телефони, потрошувачите сакаат уред кој не е само брз и способен за квалитетни фотографии, туку и доволно издржлив за да трае со години без дефекти. Токму на тоа прашање одговори новата анализа на британската потрошувачка организација Which?, која обработи податоци за дефекти на повеќе од 15.000 паметни телефони во период од речиси седум години.
Во истражувањето беа опфатени најпознатите брендови на пазарот: Apple, Samsung, Google, Sony, Xiaomi, OPPO и други. Резултатите покажуваат дека стапката на дефекти кај поголемиот дел од производителите е ниска во првата година од користењето, но разликите меѓу нив значително се зголемуваат како што телефонот старее.
Realme и OnePlus на врвот на листата за доверливост
По три години употреба, најдобро се покажа OnePlus со само 3% дефекти, додека Realme беше на 4%. Apple, Samsung и Google имаа приближно слични резултати, со стапка на дефекти од 7% до 8%.
Податоците по шест години користење уште појасно откриваат кој произведува најиздржливи телефони. Најдобрите три брендови тогаш беа OnePlus, Realme и Google, со стапка на дефекти од по 11%.
Samsung се најде на 13%, додека Apple имаше 15%. Најслаб резултат забележа Sony: дури 31% дефекти, што е речиси двојно повеќе од водечките брендови. Сепак, имајќи предвид дека повеќето корисници го менуваат телефонот на секои 2 до 4 години, ваквите податоци за долговечност можеби имаат мала смисла и немаат пресудно значење за просечниот купувач.
Заклучокот на истражувањето е дека водечките брендови според продажба на уреди, не се нужно и лидери кога станува збор за доверливост. Нивната позиција може да се опише како „средина до горниот дел од табелата“. Дополнително беше забележано дека најголемиот број дефекти, без разлика на производителот, доаѓа токму од проблеми со батеријата.