Во Windows е додадена Google апликација со моментално пребарување која користи AI и Lens за побрза работа, но сè уште е во експериментална фаза.
Користењето на Google пребарувањето во Windows околината досега бараше отворање на прелистувач и одење на Search пребарувачот, но тој процес е поедноставен со лансирањето на експерименталната апликација Google app for Windows.
Новата функција е претставена преку Google Labs и овозможува покренување на пребарување „во лет“ односно во секое време, со притискање на Alt+Space. По внесување на барањето, резултатите веднаш се прикажуваат во помошен прозорец.
Пребарувањето функционира исто како класичната страница со Google Search резултати: листање страници, филтрирање по слики, вести или купување, како и преминување на Google AI Mode, каде што се прикажува резиме со помош на вештачка интелигенција.
Вградена е и интеграција со Google Lens, па е овозможено пребарување на текст или слики директно од екранот, како и преведување или копирање на содржината.
Google воведува Windows пребарување „во лет“
Апликацијата е развиена за Windows 10 и 11, но засега е достапна исклучиво за корисниците во САД. За да се овозможи нејзино користење, потребно е да се посети страницата Google app for Windows во рамките на Google Labs, да се вклучи експериментот, да се преземе инсталациската датотека и да се најавите преку Google сметка. За време на инсталацијата се бара дозвола за пристап до локални фајлови и документи на Google Drive, иако тие опции може да се исклучат.
Нагласено е дека станува збор за експериментално решение и дека бројот на корисници кои можат да го пробаат е ограничен. Како причина за воведувањето е истакната потребата Google пребарувањето да остане релевантно во време кога сè поголем број корисници се свртуваат кон AI алатки како ChatGPT и Copilot. Директната интеграција на пребарувањето во Windows е претставена како практичен потег со кој на корисниците им се заштедува време и им се зголемува продуктивноста.